Украински политичар пријавил дека е болен и отишол на Малдивите, Зеленски бесен

од Stefanija Kuzmanovska

Властите во Украина истражуваат дали пратеникот Јуриј Аристов го прекршил законот кога заминал на семеен одмор на Малдивите. На службените лица им е забрането да патуваат во странство на одмор, додека на мажите на старосна возраст за регрутирање им е потребна посебна дозвола за да ја напуштат земјата.

Службата за безбедност отвори кривична постапка за да процени дали Аристов давал лажни информации на властите. Тој може да се соочи со затворска казна до три години доколку биде прогласен за виновен, пренесува Би-Би-Си.

Првичната истрага откри дека Аристов кон средината на јули со сопругата и децата бил на приватниот остров Итафуши на Малдивите, кога бил пријавен на боледување. Во странство престојувал од 5 до 22 јули, а најпрво замина на тридневен службен пат во Полска. Него први го забележаа украинските медиуми на Малдивите.

Претседателот Володимир Зеленски ги предупреди јавните службеници дека секое предавство на интересите на земјата ќе предизвика бес.

„Кога постојано ја гледате и чувствувате моралната сила што ја добиваат за Украина нашите воини, нашиот народ, кој прави се што е можно и невозможно за победа и зачувување на слободата, секое внатрешно предавство, секое поткупување или какво било лично богатење наместо интересите на Украина во најмала рака предизвикува бес“, рече Зеленски.

Аристов поднел оставка. Неколку високи украински функционери поднесоа оставки претходно оваа година, откако Зеленски започна претрес на владиниот персонал. Нивното заминување уследи откако Украина започна голема акција против корупцијата.

Слични содржини