Украинците се мобилизираат: Редици во продавниците за оружје во Киев

од Nikola Popovski

Во Киев вчера имало долги редици во продавниците за оружје, бидејќи Украинците купувале пиштоли, муниција и снајперски пушки поради можниот руски напад.

Откако беше прогласена вонредна состојба, парламентот на земјата усвои нацрт-закон со кој на Украинците им се дозволува да носат оружје.

Повеќето Украинци учат да пукаат во училиште. Се проценува дека околу 400.000 луѓе стекнале искуство во борбите откако рускиот претседател Владимир Путин го анектираше Крим во 2014 година и по вооружениот бунт со поддршка на Москва на истокот на земјата.

Но, поради опасноста од можен напад на Киев во последните денови дојде до брзање да се купи оружје, како што се наведува, без преседан. Според Гардијан, продавниците за оружје распродадоа некои видови оружје, како што се пушките АР-10 и АР-15.

„Се разбира, јас сум загрижена за ситуацијата“, вели Дарија Олександривна, која ја посетила продавницата за оружје „Прапоршик“ на улицата Пушкинова во центарот на Киев. „Се надевам на најдоброто, но се подготвувам за се“.

Олександривна вели дека таа и нејзиниот сопруг почнале да одат на часови по пукање пред шест месеци, кога се зголемиле тензиите со Москва. Имаат два пиштоли. Дошла во продавница да купи 400 гумени куршуми.

„Го гледав Путин како држи говор во понеделникот. Мислам дека е доволно глупав за да го направи тоа. Тој го мрази украинскиот народ“, рече таа.

Пред две недели во автомобилот спакувала облека, лекови, храна, вода и резервни обувки.

„Моите деца зборуваат само украински. Воопшто не зборуваат руски. Ако веќе не е безбедно, ќе си заминеме“, рече таа. На прашањето каде планираат да одат, таа одговори „некаде на запад од земјата“.

Украинската влада ги засили безбедносните мерки во изминатите 24 часа. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, најави мобилизација на резервисти, која ќе започне со ангажман на 36.000 лица, при што ветераните беа вратени на активна должност. Тој исто така им порача на украинските граѓани кои живеат во Русија да ја напуштат земјата.

Гардијан пишува дека курсевите за територијална одбрана каде граѓаните можат да научат да пукаат се пребукирани.

Полицијата потврди дека Украинците купуваат огромни количини оружје. Само во февруари биле регистрирани 10.000 парчиња огнено оружје. Во земјата има вкупно 700.000 легални сопственици на оружје, објави денеска на Твитер Илија Пономаренко, кој известува за прашањата на одбраната во Киев.

Фото: Chris McGrath/Getty Images

Слични содржини