Уставен го одложи утврдувањето на Нацрт решението за дополнување на Законот за помилување

од Ивана Рамаданова

Уставниот суд на денешната седница го одложи утврдувањето на Нацрт – решението со кое е поведена постапка за оценка на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2016).

Судот на седницата одржана на 27 ноември годинава поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година. Овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката. Лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување. Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, да ја поништи донесената одлука.

Судот денеска не поведе постапка по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на член 46 ставови: 3, 5, 6 и 7 од Законот за извршување, на членот 123-а од Закон за семејство, како и за член 61, став 1 од Законот за денационализација. 

Слични содржини