Венецуела гласаше за припојување на Гвајана, Бразил ја подготвува армијата

од Stefanija Kuzmanovska

Граѓаните на Венецуела со огромно мнозинство гласаа за да полагаат право на спорната територија Ескибо богата со нафта, долго време контролирана од соседна Гвајана.

Повеќе од 95 отсто од граѓаните кои излегоа на референдумот го потврдија суверенитетот на Венецуела над спорната територија Ескибо, објавија венецуелските власти, пренесува Би-Би-Си.

Официјален Каракас тврди дека спорниот регион е дел од Венецуела откако се стекна со независност од Шпанија пред 200 години, но Гвајана возвраќа дека територијата била доделена на тогашната Британска Гвајана на крајот на 19 век.

Спорот за територијата Ескибо повторно се разгоре во 2015 година по големото откритие на нафта во морето веднаш до брегот на територијата.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги поздрави резултатите од референдумот како „убедлива победа за поддржувачите на припојувањето на Ескибо кон Венецуела“.

Оваа област од 159.500 квадратни километри сочинува две третини од територијата контролирана од Гвајана и е дом на околу една шестина од населението на Гвајана.

Пресудата на меѓународниот арбитражен суд во 1899 година ја додели територијата на Велика Британија, која во тоа време беше колонијална сила во Гвајана, но во последните децении венецуелските власти предупредуваа дека пресудата е неправедна.

Слични содржини