„ВЕЌЕ НЕ Е НЕДОПИРЛИВ, НАПРАВИ МНОГУ ПОЛОШИ РАБОТИ“ Ѕвездата од филмови за возрасни остро кон Трамп

од Vladimir Zorba

Актерката од филмовите за возрасни, Сторми Даниелс, на која поранешниот американски претседател Доналд Трамп наводно и платил за време на претседателската кампања во 2016 година да не зборува за нивната секс афера една деценија порано, рече дека обвинението против него покажува дека тој повеќе не е недопирлив.

Во првото интервју откако големата порота во Њујорк го обвини Трамп, Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, исто така изрази стравување дека целиот случај може да доведе до насилство.

Големата порота на Менхетен гласаше да го обвини Трамп по неколку месеци разгледување докази за исплата на 130.000 долари на ѕвездата во последните денови од изборната кампања во 2016 година.

Трамп е првиот поранешен американски претседател кој се соочи со кривична пријава, ставајќи ја во прашање неговата претседателска кандидатура во 2024. Тој останува на тврдењата за својата невиност и го обвинува американскиот обвинител Алвин Брег дека се обидел да му наштети на неговата претседателска кандидатура.

Во интервју за „Тајмс“, Даниелс рече дека случајот против Трамп е од „епски“ размери и дека е „горда“ на обвинувањата.

– Тој направи многу полоши работи – смета Даниелс. Според неа, другата страна на случајот е таа што „ќе продолжи да ги дели луѓето и да ги подига на оружје“.

– Каков и да е исходот, ќе предизвика насилство и ќе има повредени и смртни случаи. Има потенцијал да произлезе и многу добро од ова. Но, како и да е, резултат на тоа ќе бидат и многу лоши работи – изјави Даниелс.

Таа тврди дека добила бројни смртни закани откако зборуваше против Трамп, но дека е „особено застрашувачко“ што самиот поранешен претседател „поттикнува и охрабрува насилство“.

Трамп во вторник ќе им се предаде на властите во Њујорк, а неговиот адвокат Џо Тапокина потврди дека на сослушувањето нема да биде врзан со лисици. Засега не се објавени детали во обвинението, кое, како што дознава Си-Ен-Ен, содржи повеќе од 30 точки поврзани со бизнис измама.

Слични содржини