Вилијам и официјално го „замени“ Чарлс, принцот денеска во замокот Виндзор

од Stefanija Kuzmanovska

Принцот Вилијам денеска се врати на своите кралски должности, додека неговата сопруга Кејт закрепнува по тешка операција, а неговиот татко, кралот Чарлс, започнува со лекување откако му беше дијагностициран рак.

Вилијам денеска во замокот Виндзор ќе учествува на церемонија која требаше да ја води кралот Чарлс, при што ќе врачи повеќе од 50 ордени.

Принцот Вилијам последен пат беше виден во јавноста на 18 јануари, кога ја посети сопругата Кејт во болница по операцијата. Да потсетиме, Кејт имаше операција на абдоменот, поради што ќе се повлече од јавниот живот до Велигден. Откако била отпуштена од болница, Вилијам се посветил на нејзиното закрепнување, но потоа на 5 февруари пристигна веста дека неговиот татко заболел од рак и дека во наредниот период ќе мора да ги пропушти сите јавни настани.

Принцот Хари вчера пристигна во Лондон, но двајцата браќа најверојатно нема да се сретнат.

Вечерва се очекува Вилијам да се појави и на хуманитарна гала, каде што се очекува да зборува за плановите на неговиот татко за хуманитарна работа.

Да потсетиме, кралот Чарлс минатата недела дознал дека боледува од рак, а ракот бил дијагностициран при интервенција поради проблеми со простатата. Официјално соопштение за болеста на кралот стигна од Бакингемската палата овој понеделник, но не беше прецизирано од кој рак боледува кралот.

Се посочува дека кралот ќе мора да се повлече од јавните должности, но ќе продолжи да одржува тет-а-тет состаноци и ќе ја проверува својата „црвена кутија“, а редовно ќе се среќава и со премиерот на Велика Британија.

Слични содржини