Владата на Мицотакис го преживеа гласањето доверба

„Ве повикувам да гласате за влада која, и покрај големите тешкотии, постојано ја движи земјата напред“, рече Мицотакис во обраќањето до парламентот пред гласањето.

од Бети Божиноска

Грчката влада предводена од премиерот Кирјакос Мицотакис го преживеа вчера гласањето доверба во Парламентот кое беше предложено од четири опозициски партии по извештаите во медиумите дека владата манипулирала со информациите за најтешката железничка несреќа во грчката историја која се случи во февруари минатата година, пренесува „Ројтерс“.

„Ве повикувам да гласате за влада која, и покрај големите тешкотии, постојано ја движи земјата напред“, рече Мицотакис во обраќањето до парламентот пред гласањето.

За доверба на владата гласале 159 пратеници, а против 141, пренесува „Ројтерс“. Десничарската партија на Мицотакис, Нова демократија, има мнозинство од 158 во 300-члениот парламент.

Опозициските партии ја обвинија владата на Мицотакис дека манипулира со докази кои би можеле да ги расветлат причините за железничката несреќа во Лариса во која загинаа 57 лица, главно ученици, во обид да ја намали политичката одговорност.

Од власта велат дека судиите кои ја водат истрагата за несреќата ги имаат целосните необработени разговори во истрагата, што значи дека нема никаква манипулација.

Истрагата на грчкиот судија за несреќата е во тек и се очекува да биде завршена во наредните месеци. Досега се обвинети десетина лица, меѓу кои и шефот на станицата во Лариса, кој е во притвор.

Грчкиот весник „То Вима“ во неделата објави дека снимката од разговорот пред несреќата меѓу шефот на железничката станица во Лариса и машиновозачот на еден од возовите „протекла“ веднаш по судирот и била „монтирана“ за да изгледа дека судирот се случил поради човечка грешка, а не поради системски проблеми во железничката мрежа.

Двајцата министри, и двајцата блиски соработници на Мицотакис, поднесоа оставка во четвртокот веднаш по објавувањето на статијата во „То Вима“. Во администрацијата на Мицотакис велат дека сличен извештај за наводно протекување и манипулација со разговорот бил објавен на 3 март 2023 година.

Патничкиот воз што сообраќа од Атина за Солун лани во февруари се судри со товарен воз во близина на Лариса во централна Грција, предизвикувајќи пожар. Во несреќата загинаа 57 лица, претежно студенти, а повредени беа 80 лица.

 

Слични содржини