ВМРО-ДПМНЕ почнува кампања „Обновата пред вашиот дом“ и „Мицкоски со граѓаните““

од Aleksandar Todeski

Под слоганите „Обновата пред вашиот дом“ и „Мицкоски со граѓаните“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ почнува со предизборна кампања.

„Од понеделник, 20 јануари почнуваме со кампања ,,Обновата пред вашиот дом”. Тимови на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетат вашите домови, ќе ги посетиме сите населени места, села и градови. Ќе разговараме со секој еден од Вас. Заедно со вас ќе ја поразиме оваа криминално рекетарска банда на власт. Доаѓаме сега, но ќе дојдеме и по 12 април. Вие граѓаните сте причината за која работиме“, рече генралниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

Тој кажа дека сите Општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ се отворени секој ден од 18-21 часот и ги повика сите граѓани да им се приклучат.

„Почнувајќи од викендот 25 и 26 јануари, тимови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ почнуваат со посета на рурални средини, нема да има населено место од најмалото до најголемото, нема да има човек во Македонија што ќе остане непосетен. Исто така претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе започне кампања „Мицкоски со граѓаните“, каде во овој период ќе ги посети градовите, ќе разговара со граѓаните, еснафот, бизнисмените, земјоделците. Ќе се погледнеме очи во очи со граѓаните, и ќе им се каже дека Македонија има и шанса и надеж и дека обновата доаѓа“, рече Јанушев.

Претходно, партијата имаше средби со граѓаните под слоганот „Обнова за Македонија“, а Мицкоски соопшти дека и името на коалицијата се менува во „Коалиција за обнова на Македонија“.

Слични содржини