Воената управа во Доњецк: Можно е во Мариупол да загинале 22.000 луѓе

од Nikola Popovski

Ситуацијата во опколениот град Мариупол е многу „тешка“, изјави воениот гувернер на Доњецката област, наведувајќи дека според прелиминарните податоци, во тоа пристаниште, украински град на Азовското Море, животот го загубиле 22.000 луѓе.

„Ситуацијата во Мариупол го отежнува разговорот за бројот на жртвите, градот е под опсада и блокиран. Во моментов зборуваме за меѓу 20.000 и 22.000 мртви во Мариупол“, изјави шефот на регионалната воена управа на Доњецк, Павло Кириленко.

Си-Ен-Ен наведува дека не е можно самостојно да се процени бројот на жртвите во безмилосното руско бомбардирање на градот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека „десетици илјади“ загинале во Мариупол.

Кириленко се осврна и на информациите за можен хемиски напад врз градот, чии детали допрва треба целосно да се потврдат.

„Знаеме дека синоќа околу полноќ дронот испуштил засега непозната експлозивна направа. Од луѓето кои биле во околината во и околу металуршката фабрика Мариупол, тројца почнале да се чувствуваат лошо. Она што го слушнавме е дека три лица биле мета на непознатата направа, пренесени се во болница, укажана им е лекарска помош и нивните животи во моментов не се во животна опасност“, рече Кириленко.

Тој додаде дека тоа се прелиминарни извештаи кои не може 100 отсто да ги потврди или коментира, но дека може да потврди дека инцидентот се случил.

Слични содржини