ВРЕДИ: Села и Лога имаат време до сабота да се предомислат доколку ги сакаат печатите на Алијанса

од Nikola Popovski

Зијадин Села и Кренар Лога смислиле евтино алиби зошто ќе одат спротивно од волјата на мнозинството Албанци. Арбен Таравари јавно им ги понуди печатите на Алијанса на Албанците ако навистина се определени за самостоен настап на изборите, порачаа денеска од коалицијата „ВРЕДИ“.

Според здружената албанска опозиција, екс-претседателот на АА, Села не се изјаснува за оваа понуда, бидејќи, како што велат, ние знаеме дека одамна е договорен да служи исклучиво на интересите на Али Ахмети.

-Затоа и го направи расколот во АА. Искрено жалиме што Села и Лога ги ставија личните пред интересите на Албанците кои јасно и недвосмислено се определени да го испратат ДУИ во опозиција. Има време до сабота, ако случајно се премислат, ќе ги добијат печатите на АА за пратенички листи за самостоен настап, порачаа од коалицијата „ВРЕДИ“.

Синоќа Села во дебатна емисија изјави дека неговата партија има две опции – или да не учествува на изборите или да биде дел од заедничка коалиција.

-Имајќи во предвид дека судискиот процес за тоа кому припаѓа печатот на партијата Алијанса за Албанците не е завршен, а по се изгледа дека нема да се заврши во законскиот рок, ние нема да можеме да одиме сами на избори. Ни остануваат два избора, или да не учествуваме на изборите, или да се приклучиме на еден од двата формирани албански блокови. Сепак, Централното собрание на партијата ќе одлучи за следните наши чекори, рече Села во емисијата „Клик плус“.

Алијанса за Албанците се подели во две крила – едно на актуелниот лидер на партијата и претседателски кандидат на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари и другото на поранешниот претседател на партијата и пратеник во Собранието, Зијадин Села.

Слични содржини