Втор протест на мајките на породилно

од Берта Китинска

Мајките кои се на породилно денеска повторно ќе излезат на нов протест пред Владата.

Тие по вторпат ќе се обидат да издејствуваат укинување на одлуката во среда да се вратат на работа. Протестот е закажан за во 17.30 минути пред зградата на Владата.

Родители кои досега беа ослободени од 23 септември се враќаат на работа, одлучи Владата пред една недела.

Иако Комисијата за заразни болести предлагаше продолженото породилно отсуство да се пролонгира до крајот на декември, сепак Владата одлучи од следната среда на работа да се вратат мајките кои ја користеа оваа мерка, како и родителите на деца до 10 години, без разлика дали децата ќе учат онлајн или со физичко присуство.

Директорот на Здравствениот дом Скопје Виктор Исјановски, вчера истакна дека Комисијата за заразни болести денеска ќе се состане за да ја разгледа можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика.

-Последната информација што ја имавме во комисијата е дека нема да има целодневен престој. Утре наутро имаме состанок, ќе ги видиме ставовите на министерството за здравство, на министерот за здравство, на членовите на комисијата, истакна Исјановски.

Исјановски вчера не ја исклучи и можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од корона вирусот.

Слични содржини