За тројца прекршители на полицискиот час во Сингелиќ, предложени казни од по 5000 евра

од Берта Китинска

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за определување казнен налог против три лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите на 13 април околу 22 часот, во скопско Сингелиќ биле затекнати надвор од нивните домови, без да поседуваат дозвола за движење, со што ја прекршиле Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Македонија.

Основното јавно обвинителство Скопје на Основниот кривичен суд Скопје му предложи на тројцата обвинети да им изрече парични казни од 100 дневни глоби, а висината на една дневна глоба да биде определена на износ од 50 евра.

По насоки на јавниот обвинител, Министерството за внатрешни работи постапува за идентификација на останатите лица кои на 13 април во знак на протест излегоа на улиците на Сингелиќ и го прекршија полицискиот час. Откако МВР ќе го документира целиот кривично-правен настан и ќе поднесе кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје со приоритет ќе постапи согласно Законот за кривична постапка.​​

Слични содржини