Заев: Нашиот трет Илинден продолжува да живее низ нашата борба за правна и правична држава

од Vladimir Zorba

Денеска славиме и воздигнуваме ден кога се оствари вековната желба на великаните на Крушевската илинденска епопеја и на храбрите борци на Народно ослободителната борба. Овој ден, овој наш најголем празник, е ден кога им оддаваме почит и ги чествуваме сите наши мажи и жени (браќа и сестри) кои беа живи факели и гореа во желбата за македонска држава и за остварувањето на сонот на генерации и генерации дејци за македонската кауза и во декадите што претходеа и во декадите што следуваа, посочи во своето обраќање од Пелинце, Премиерот Зоран Заев по повод 2 август – Денот на републиката, .

Во овој ден што го одбележуваме денеска, вели тој, се дел од корените на нашата државност и на нашата иднина.

„Илинден 1903 и 1944 се дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава, еднаква во друштвото на народите. Тоа се генетски записи пренесени од сите наши претходници. Тоа се генетски записи во кои се збрани вредностите на кои се повикуваме и на кои ја градиме иднината. Тоа е континуитет на вредности какви што се вградени и што ги негуваат сите модерни европски држави“,истакна премиерот.

Континуитетот во остварувањето на нашите стратешки интереси како наш Трет Илинден е и нашето членство во НАТО, истакна Заев во Пелинце.

„Бевме горди кога во исто време пред седиштето на НАТО во Брисел, во Командата на сојузничките сили за операции во Монс и во Командата на сојузничките сили за трансформации во Норфолк во Соединетите Американски Држави, се издигна македонското знаме, додека се интонираше македонската химна како симболи на потврдениот македонски идентитет.

Ја осигуравме безбедноста на нашата земја, и рамо до рамо, со нашите сојузници заеднички ја градиме иднината, го чуваме мирот и ги промовираме и негуваме демократските вредности!
Во тој дух, овој свечен ден не повикува да продолжиме и понатаму кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија.

На безбедноста на нашиот дом, татковината Северна Македонија го додадовме и пријателското соседско опкружување. Северна Македонија со ништо и никому на соседите не му наштетила и низ историјата, ниту пак има намера тоа да го прави во иднина. Секогаш бевме и остануваме на сончевата страна за мирољубиво решавање на сите недоразбирања и конфликти. Наместо извор на проблеми, ние станавме извор на идеи и иницијативи за решенија кои регионот, го водат напред“,посочува тој.

Во своето обраќање, претседателот на Владата на РСМ не го заборави и неодмнешниот старт на иницијативата „Отворен Балкан“, за која смета дека ги „рушиме препреките и се бориме за поголеми слободи на нашите граѓани“.

„Градиме нов, европски, поврзан Балкан врз широко прифатените идеи за подобар живот за сите, за заедништво, за помагање, за олеснување, за слободно движење, за слободно мислење и создавање.

И тоа е нормална и очекувана иницијатива после историскиот Договор од Преспа со кој решивме спорот со Грција, како позитивен преседан во историјата на дипломатијата. Јас сум уверен дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Северна Македонија.

Заедно ќе го обезбедиме тоа, бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери, кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат, во интерес на своите народи“, посочи премиерот.

Нашиот трет Илинден, истакнува, продолжува да живее, низ нашата борба за правна и правична држава, низ нашата борба со рак раните за да обезбедиме што е можно поквалитетен живот за секој наш граѓанин.

„Денес сме независна држава и сè зависи од нас. И како резултат на влогот на секој еден наш граѓанин, сите знаеме дека: Денес гласот на граѓанинот е слободен, слушнат, разбран и почитуван повеќе од кога било; Денес различностите во Северна Македонија се на пиедесталот, повеќе од кога било; Денес македонскиот глас ечи посилно од кога било; Денес Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците се обединети повеќе од кога било;
Денес и самите очекувања на граѓаните се уште поголеми. И така треба да биде“, изјави Заев.

Слични содржини