Запре нападот на Русија врз Бахмут: Каде ќе се концентрира руската армија следно?

од Stefanija Kuzmanovska

Нападот на Русија врз градот Бахмут на истокот на Украина е запрен, а украинските бранители ги воспоставија своите позиции, соопштија британското министерство за одбрана и началникот на украинската армија Валериј Залужни.

Министерството за одбрана во својот дневен извештај за војната во Украина соопшти дека обидот на Русија да го заземе Бахмут е закочен поради „екстремната исцрпеност“ на руските сили, што веројатно е влошена од внатрешните конфликти меѓу руската редовна армија и паравоената формација „Вагнер“, чии сили се наоѓаат во таа област.

„Русија сега ги концентрира своите сили кон малку појужниот град Авдијевка и кон линијата на фронтот кај Кремина и Сватова северно од Бахмут“, се вели во извештајот.

Ова сугерира дека Русите се враќаат на поодбранбена позиција по неуспехот на нивните офанзивни напори кои започнаа во јануари.

Ова е во согласност со оценката на Залужни.

„Благодарение на огромните напори на одбранбените сили, ситуацијата се стабилизира“, наведе Залужни на својот Фејсбук профил по телефонскиот разговор со неговиот британски колега Тони Радакин во петокот.

Сепак, областа околу Бахмут останува една од најтешките на бојното поле.

Слични содржини