Завршија контролите: УЈП и инспекторите не познаваат ниту политичка, ниту верска, ниту пак национална различност

од Берта Китинска

Завршија контролите на терен во „КАМ“ и ниту еден маркет не е затворен, ниту пак до овој момент има изречено казни кон овој даночен обврзник, информираа од УЈП.

„Законска обврска на УЈП е да го штити интересот на граѓаните и на државата. Во таа насока, а по пријава на граѓани и институции, УЈП започна со надворешна контрола, согласно законот за увид во состојбата со залихите на трговската стока во магацините и продавниците, се со цел да се утврди фактичката состојба и да се изврши споредба со книговодствената евиденција. Со првичниот и прелиминарен увид на терен, инспекторите утврдија дека дел од малопродажните објекти пресметувале 5% ДДВ за основните производи за храна, иако данокот е привремено нула“, велат од УЈП.

Дел од маркетите продавале масло за јадење, свежо говедско месо, ориз и млеко со пресметан данок на додадена вредност што пак е спротивно на одлуката на Владата и на измените во Законот за данок на додадена вредност.

Од УЈП потенцираат дека контролите се прават во сите маркети, без селекција.

„УЈП и инспекторите не познаваат ниту политичка, ниту верска, ниту пак национална различност. Контролите се вршат исклучиво и само во насока на почитување на Законите и за заштита на стандардот на граѓаните. Управата за јавни приходи, преку инструментите и надлежностите кои ги има ќе продолжи да ги пресретнува можните злоупотреби од страна на даночните обврзници и да спречи евентуално нанесување на штета врз граѓаните или буџетот на Република Северна Македонија“, соопштија од УЈП.

Слични содржини