Жан Митрев не се чувствува виновен за „измама“

од Vladimir Zorba

Апсолутно не се чувствувам виновен за делото кое ми се става на товар, изјави обвинетиот Жан Митрев кој се товари за продолжено кривично дело „измама“.

Покрај Митрев, дека не се чувствува виновно за истото кривично дело, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје се изјасни и застапничката на правното лице, која рече дека во целост го одбива обвинителниот акт.

Одбраната на Жан Митрев и на денешното рочиште побара одложување на судењето поради тоа што, според нив, од листата на докази на Јавниот обвинител недостасуваат 48 медицински досиеја за пациенти.

Јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева, во врска со ова барање посочи дека е, како што рече, „сосема неоправдано“, бидејќи, според неа „одбраната не само што ги знае туку ги има тие докази бидејќи таа ги доставила до обвинителство“.

Судот потоа донесе решение да не се одложи главната расправа од причина што доказите се доставени до одбраната во текот на постапката, односно во текот на истрагата.

Процесот го води судијката Лидија Петровска.

Слични содржини