Зошто Вучиќ го „скокна“ самитот во Тирана: „Односите со Рама се заладени, во Кина има попаметна работа“

од Nikola Popovski

Додека Европската унија го организира самитот „Берлински процес“ за земјите од Западен Балкан во Албанија, каде европските лидери, како никогаш досега, испраќаат јасна порака дека се подготвени за проширување, претседателот на Србија замина во Кина и потпишува договори за слободна трговија, според претходните изјави, се претпоставува дека сака да се сретне со Владимир Путин. Вака пишуваат дел од српските медиуми, а дел од српската јавност се прашува дали нивниот претседател со ова јасно става до знаење дека Истокот е поважен од Западот, иако во Тирана присуствуваат и германскиот канцелар, Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон.

Жељко Ињац

Според политичкиот аналитичар од Србија, Жељко Ињац, дефинитивно е дека Вучиќ се насочува и определува кон Истокот.

-Тој лично не отиде во Тирана, таму испрати делегација од Србија и со тоа испрати јасна порака дека односите пред се со Рама се заладени, но и дека во Кина „има попаметни работи“, истакнува Ињац за „Локално“.

Сепак соговорникот не смета дека српскиот претседател одбил да замине за Тирана, за да избегне соочувања и објаснување за инцидентите во Бањска и вооружениот напад.

-Не верувам дека е одбегнување затоа што после настанот во Бањска гостуваше на CNN, коментира аналитичарот.

Тој смета Вучиќ може да стави крај на учеството во „Берлинскиот процес“ и да се фокусира повеќе на „Отворен Балкан“ иако и таму работите не се сјајни поради најавеното повлекување на Албанија.

-И двата процеси сега се сомнителни. Се додека не се реши проблемот со Косово и Метохија, ќе треба делумно да се бараат решенија, посочува Ињац.

Вучиќ по средбата со претседателот на Кина, Си Џинпинг во Пекинг изјави дека потпишаниот договор за слободна трговија отвора нови „гледишта“ во односите. „Постигнуваме напредок во сите области во кои соработуваме, Иницијативата „Појас и пат“ донесе многу добро за нашата земја. Горд сум на нашето пријателство и на резултатите што ги постигнавме“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Истакнал дека Си кажал важна реченица – дека нивното пријателство го поминало тестот на тешките времиња, со што се согласил. „И морам да кажам дека во услови на значителен притисок врз Република Србија, нашата земја е единствената во цела Европа која никогаш не се приклучила на декларации кои би ја критикувале или нападнале Кина, за кое било прашање.

Во однос на Хонг Конг, Тибет, Ксинџијанг, Тајван или кое било друго прашање, ние секогаш сме биле на страната на Кина, политиката на една Кина и така и ќе остане“, рекол Вучиќ.

Н.П.

Слични содржини