Бизнис светoт денеска

од Vladimir Zorba

 

Њујорк – Интернет гигантот „Јаху“ и официјално престанува да постои. Новото име на компанијата ќе биде „Алтаба“, а досегашната извршна директорка Мариса Мајер поднесе оставка. Одлуката за заминување на Мајер од „Јаху“ е потврдена во извештајот што компанијата го испрати до американските регулатори. Во извештајот се наведуваат точни планови како „Верајзон“ ќе го преземе „Јаху“, кое го купи за 4,8 милијарди долари.

Загреб – „Хрватскиот Телеком“ (ХТ) објави дека потпишал договор за купување на 76,53 отсто од акциите на „Телекомот на Црна Гора“ за сума од 123,5 милиони евра, со што го презема мнозинскиот удел во управувањето на најголемиот црногорски телекомуникациски оператор. Мнозинскиот удел во црногорскиот телеком, ХТ го откупи од „Маѓар Телеком“, кој исто така е член на групцијаата „Дојче Телеком“. Целосното завршување на трансакцијата се очекува до крајот на јануари.

Осло – Најголемата норвешка банка „ДНБ АСА“, позната како апсолутен победник на европскиот стрес тест, повторно се најде во фокус на инвеститорите, но овој пат поради вишок на капитал. Во тие околности, на кои би и позавиделе многу банки во Европа, се очекува ДНБ да почне со откуп на своите акции, пренесе Блумберг. „Барклиз“ проценува дека ДНБ ќе откупи акции во вредност од пет милијарди круни (588 микиони долари) оваа година, а износот може двојно да се зголеми во 2018 година.

Тунис – Тунис очајнички бара купувачи за своите портокали по обилната берба, при што експертите предупредуваат дека половина можат да бидат уништени ако барањето пласман не вроди со плод. Овоштарите во актуелната земјоделска сезона собраа вкупно 550.000 тони портокали, наведе раководителот на Организацијата на одгледувачи на цитруси (ГИФ), Мохамед Али Јандуби. – Во изминатите пет години горната граница на производството ни беше 400.000 тони. Оваа година веќе собравме 550.000 тони. Тоа е огромно количество, рече Јандуби.

Пекинг – Кинеските странски инвестиции во проекти за обновливи извори на енергија пораснаа лани за 60 отсто на рекордни 32 милијарди долари (30 милијарди евра). Со тоа Кина стана лидер на светскиот пазар на чиста енергија, соопшти Институтот за енергетика, економија и финансиски анализи (ИЕЕФА) од Охајо. Минатата година, Кина во секторот на зелената индустрија финализираше 11 договори во странство, од кои секој вредеше над милијарда долари, а се очекува оваа година да го забрзаат тоа темпо, се наведува во податоците на ИЕЕФА.

Пекинг – Кинеската Влада најави дека ќе продолжи со намалување на производството на јаглен и челик, чија експанзија доведе до тензии меѓу Пекинг и многу земји. Според претседателот на Националната комисија за развој и реформи, Су Шаоши, Кина лани ги исполнила планираните цели во намалување на производните капацитети, а неколку стотици вработени во секторот за производство на јаглен и челик биле преместени на други работни места.

Њујорк – Милијардерот и основач на „Алибаба“, Џек Ма имаше состанок со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, на кој станало збор за потенцијално заеднички проекти и планови за отворање на милион работни места во САД. – Имавме одличен состанок, изјави по средбата Трамп. – Џек планира „Алибаба“ да отвори милион работни места во САД, така што преку нашите платформи на малите американски фирми ќе им се овозможи да продаваат стока во Кина и во другите азиски земји, информира менаџерот во „Алибаба“, Брион Тинглер./MIA

Слични содржини