Уште незаседнат во фотелјата на неговиот претходник, на уште неодржана прва седница која треба да ја води, уште непризнат од новата опозиција и на уште свежите сеќавања на крвавиот парламентарен четврток, првата работа што ја направи новиот собраниски спикер, Талат Џафери, беше да си ја обележи територијата. Да постави албанско знаменце на бирото и некаква книга за историските граници на Албанија. Рака на срце, покрај албанското, поставени се и знаменцата на Македонија и на ЕУ. Од аспект на симболиката, тоа уште повеќе ја зголемува збунката. Додуша, го зголемува и револтот, бидејќи ваквиот антиполитички потег на Џафери, најмалку што може да претставува, е играње на картата на ВМРО-ДПМНЕ.
На оние кои два месеци протестираа против т.н. „тиранска платформа“, кои хистерично врескаа за одбрана на Македонија од албанизација, за зачувување на нејзиниот унитарен карактер, кои сите нас кои не мислевме како нив не нарекуваа „шиптарски слуги“, кои и се обидоа да го убијат Заев како измеќар на Али Ахмети, вчера новиот претседател на Собранието, им додаде свежо масло во нивниот зарибан мотор. Ги врати во живот, влезе во нивната приказна и им даде силен адут уште пожестоко да докажуваат дека цело време биле во право. И тоа токму во моментот кога целосно се искомпромитираа со настаните од 27 април.
Браво, Талат. Со твоето албанско знаменце му се помоча на програмата на Заев и на неговата двегодишна титанска битка за уривање на криминалниот режим на Груевски, кој опстојуваше на евтини патриотски приказни. Најбезобразно ни плукна в лице и нам, граѓаните од сите етникуми кои бараме промена на манирот на владеење октроиран од груевистите, а не само проста смена на власта. Им покажа среден прст на сите прогресивни луѓе кои конечно сакаат да ја видат Македонија како заедничка држава на рамноправни луѓе, а не како збирштина од етнички стада.
Браво, Талат. Покажа дека немаш ниту елементарно чувство за сложеноста на моментот во кој безбедноста, но и опстанокот на државата висат на конец, покажа дека не ти е важно дека си дел од една нова коалиција која промовира нови вредности како антипод на старите и конечно, покажа дека твојата партија му е верна на Груевски. До гроб. Дури и кога тој е неповратно втеран в ќош од обвинувањата за злоупотребите на својата политичка моќ, кога е целосно демаскиран како патолошки лажго, страшливец и демагог, кој пет пари не дава за државата.
И, да се разбереме: Не ме интересираат аргументите од типот дека македонското државно знаме било донесено без согласност на Албанците и затоа ДУИ го игнорира, дека државното знаме на Република Албанија е истовремено и национално знаме на сите Албанци, дека постои некаков закон за употреба на националните симболи на заедниците, дека се работи за стекнато право на Албанците во сите средини каде што живеат да ги истакнуваат своите национални симболи, дека ДУИ има свои гласачи на кои треба да им се додворува со црниот двоглав орел во кабинетот на спикерот и сите останати популизми. Не ме интересираат, затоа што преку глава ми се национализмот од било која боја.
Сум поминала преку тоа што ти, Талат Џафери, си дезертирал од АРМ за да станеш некаков командант на ОНА, а потоа и министер за одбрана на Република Македонија и што ти, како коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ бараше законски да се забранат снимените разговори објавени од СДСМ. Во интерес на повиските цели, подготвена сум и да ја прифатам твојата елементарна неспособност за дебата и нетолеранција кон различните мислења, што ја имам видено безброј пати и во парламентарните тела, но и во ТВ дебатите. Во функција на некои заеднички интереси и нови визии за иднината на мојата држава, сум била подготвена да ги истолерирам твоите карактерни особини познати по инаетот, кавгаџиството и неартикулираноста во изјавите, поради што сé уште сметам дека ти си најлошиот кандидат на твојата партија за местото кое ти е доделено.
Сепак, сметав дека си македонски политичар со основна државност, со такт и со сенс за специфичноста на периодов. А ти си само еден обичен чаламџија од локален маштаб, еден обичен вмровец натнат во шинелот на ДУИ, едно мало човече залутано во својот национализам, без ветроказ за новите ветришта.
Патем, Талате, ако си толку голем Албанец, тргни го македонското знаменце од твоето биро и побарај да се симне државното знаме од јарболот пред македонскиот Парламент. Тврдокорните и „заедничките“ ќе ти бидат бескрајно благодарни. А посебно, Никола Груевски и Фамилијата.
Гордана Попсимонова

Слични содржини