Чавоушоглу: Македонија заслужува членство во НАТО, и се нанесува голема неправда

од desk2

Односите меѓу државите, приоритетите на Македонија, членството во ЕУ и НАТО, како и политичката ситуација во земјава и надвор од неа, биле темите за кои разговарале министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу и министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров кој истакна дека ја потврдиле потребата за развивање на економските односи и трговија.

Чавушоглу вели дека Македонија може да биде пример за сите земји кога во прашање се билатералните односи, а изрази и поддршка за добивање членство во НАТО.

„Вие ја следите состојбата во нашиот регион, каде има сериозен развој на настаните. Ние ќе бидеме ваша поддршка. Ова е 25-та година од воспоставување билатерални односи и тука направивме голем напор на балканските простори, каде мислиме дека Македонија е многу значајна за трговскиот развој“, рече Чавушоглу.

Нагласи дека турските инвестиции изнесуваат 1,2 милијарди долари, а во наредниот период најави зголемување на инвестициите.

„Македонија најмногу го заслужува членството во НАТО, а прашањето со името е голема неправда за оваа земја. Ние ќе инсистираме ЕУ да не се меша во внатрешната политика. Ние веруваме дека турската заедница во Македонија е значајна алка за одличните билатерални односи. Она што турската заеднца ја врзува за Македонија се законските права кои им се овозможуваат“, вели шефот на турската дипломатија, Мевљут Чавушоглу.

Според Димитров, Македонија има поддршка од Турција за сите прашања поврзани со билатералните односи.

„За нас патот напред е градење на позитивна слика на Македонија, осврната на соработка. Наша цел е да градиме односи кои ќе донесат стабилизација на регионот. Решени сме да работиме на добрососедска политика. Му се заблагодарив на Чавушоглу за поддршката за наш влез во НАТО. Македонија ја цени улогата на Турција која ја има во справувањето со мигрантската криза. Турција е шестти по ред инвеститор во Македонија. Со министерот имавме и конкретни идеи, бидејќи има интерес од големи турски компании да инвестираат во нашата држава. Турција носи голем дел од товарот во глобални рамки кога во прашање е тероризмот бидејќи се соочува со безбедносни предизвици. Ние заклучивме дека соработката на ниво на полиција и разознавачки агенции е на задоволително ниво“, вели министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.

Димитров одговарајќи на новинарско прашање вели дека Македонија од правен аспект има чиста ситуација кога во прашање е името на државата. Тој вели дека во интерес на Грција е да ја прифати Македонија и да дозволи зачленување во Европската унија. Чавушоглу околу прашањето со името, посочи дека ја следат ситуацијата и вели дека ја прифаќаат Македонија под уставното име, додавајќи дека ќе ги прифатат сите одлуки кои нема да бидат на штета ниту на Грција, ниту на Македонија.

Слични содржини