Дарежливите донатори ги сакаат демохристијаните и либералите

од Vladimir Zorba

 

Дојче веле – Бон

Партиите ЦДУ и ФДП важат како голем пријател на бизнисот. Поради тоа не чуди што на овие партии одат и најголемите донации. Тоа се две партии кои по изборите во септември би можеле заеднички да го преземат кормилото во Германија.

Конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и нивниот најомилен коалициски партнер Партијата на слободни демократи (либералите ФДП) се уште се најголеми пријатели на германските концерни, бизнисмени и донатори, како што покажуваат бројките кои овие денови ги објави германскиот парламент. Речиси сите поголеми суми кои се донирани на политичките партии оваа година уплатени се на или на партијата на Ангела Меркел или на Либералите, партии кои се залагаат за слободен пазар и дерегулација.

Либералите во Бундестагот ги нема од 2013 година, а моментално уживаат наклоност околу 9 отсто од граѓаните на Германија. „Тоа секако е вредно за внимание” – вели Себастијна Мејер од организацијата за мониторинг лобисти LobyControl. „Јасно е дека големите бизниси посакуваат ФПД да се врати на сојузната политичка сцена”.

На осум недели пред изборите за Бундестагот, ЦДУ доби околу 1,9 милиони евра на име донации од поголемите спонзори, а ФДП околу 1,5 милиони. Според германските закони, секоја донација поголема од 50.000 евра мора веднаш да се пријави на парламентот кој тоа потоа го објавува на својата интернетска страница. Помалите донации се објавуваат во годишниот извештај. На листата на донатори се некои познати и големи фирми како што се Sixt rent-a-car (55.000 евра за ФДП) како и Metal NRW – здружение на индустриски и електрични компании во Северна Рајна Вестфалија (90.000 за ФДП и 110.000 за ЦДУ).

„Не бараат ништо за возврат, но…”

Не е големо изненадување тоа што на листата на големите донатори се и германските производители на автомобили. Дајмлер донирал по 100.000 евра на демохристијаните, но и на социјалдемократите. За СПД тоа е една голема донација, исто така и Зелените забележаа добија донација од 100.000 евра, додека Левицата и баварската ЦСУ оваа година немаа донации поголеми од 50.000 евра, кои мора веднаш да бидат објавени.

Стефан Кванд, милијардер и шеф на управата на БМВ, уплатил по 50.001 евро на демохристијаните и на либералите. Пред неколку дена се дознало дека германскиот Сојузен завод за моторни возила избришал некои критични делови од извештајот за тоа дека германските производители на автомобили манипулирале со вредностите на издувните гасови за тие вредности да излезат поповолни од што навистина се. Случајност?

Најголемата поединечна донација потекнува од бизнисменот Ралф Домермут кој во јули на демохристијаните им подари 500.000 евра. Тој е шеф на управниот одбор на германската интернет компанија United Internet.

„Очигледно донаторите тоа не го прават без скриени намери, но тие не смеат да бараат ништо за возврат. Тоа би било илегално” – вели Мејер. „Меѓутоа, тие на овој начин можат директно да влијаат на резултатот на изборите”.

Некои правила можат да се заобиколат

LobyControl пренесе дека германскиот систем за донации за политичките партии може да биде потранспарентен и смета дека граѓаните почнале многу да се сомневаат кога станува збор за односите на политичарите и бизнисмените. Една анкета од 2015 година покажала дека 78 отсто граѓани на Германија сакаат воведување на регистер врз чиј основ би можело да се следи активноста на лобистите. Но, таков регистер се уште не постои, а владејачката ЦДУ не покажува ни волја да покрене негово основање.

„Бараме донациите за партиите да бидат ограничени на 50.000 евра, како и драстично да се намали висината на донациите кои веднаш треба да бидат објавени. Начинот на кој тоа сега функционира практично промовира корупција. Донациите често се делат на помали порции за да се заобиколи правилото за транспарентност” – вели Мејер.

Ситниш во однос на САД

Но, за разлика од САД, Германија не прави разлика меѓу финансирањето на предизборните кампањи и финансирањето на самите партии. Во Германија предизборната кампања едноставно е дел од нормалната работа на партијата и буџетот за неа не е одвоен од вкупниот буџет на партијата.

Освен тоа, германскиот државен буџет секоја година ги финансира партиите со 133 милиони евра, а колку од таа сума ќе добие секоја партија, тоа се одредува според бројот на гласовите кои ги добила на изборите за Бундестагот, Европскиот парламент и германските покраински парламенти.

Додуша, сите тие суми се смешни во споредба со сумите кои ги донираат во САД. Основна причина за тоа е што според германските закони рекламната кампања за партиите (плакатите, огласите итн.) смее да почне неколку недели пред изборите.

Ако демохристијаните, кои според последните анкети уживаат поддршка од 40 отсто од граѓаните и либералите околу 9 отсто, заедно би освоиле повеќе од половина мандати во Бундестагот и ќе бидат во состојба да основаат нова германска влада

Слични содржини