Една година по неуспешниот обид за пуч во Турција, Ердоган е на врвот на власта

од Vladimir Zorba

 

Минатогодишниот неуспешен обид за преврат само ја зацврсти власта на Ердоган. Неговата влада ја одбележува годишнината како празник на демократијата, додека опозицијата предупредува за се поголемата диктатура

ДПА – Берлин

Во една тивка летна ноќ пред очекуваните денови за годишен одмор, воени авиони почнаа да бомбардираат цели во Анкара, а тенкови тргнаа по улиците на Истанбул, а војниците стрелаа по цивили. Единици на турската армија извршија преврат против претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Тоа се случи на 15 јули 2016, пред една година.

Една година подоцна во Турција има големи промени. Ердоган има повеќе власт од кого било досега и тој и неговата Партија на правдата и развојот ја користат годишнината како демонстрација на таа власт.

Започнувајќи од вторникот, шест дена во земјата се одржуваат свечени церемонии. Главниот настан ќе биде говорот на Ердоган пред Парламентот во Анкара во недела наутро, точно во 2 часот и 32 минути по локално време, во времето кога поддржувачите на превратот ја бомбардираа зградата. Посебен повик за молитва ќе се слушне од минарињата на 90,000 џамии, токму како и ноќта на обидот за преврат, кога муслиманите им се спротивставија на превратџиите.

Партијата на правдата и развојот организира „Бдеење за демократијата“, како што направи пред една година кога оние кои се спротивставија на превратот ги окупираа плоштадите, за да ги спречат на пучистите.

Ердоган вели дека знае точно кој стои зад обидот за преврат – муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, негов близок сојузник до јавното разидување во 2013 година. Ѓулен живее во егзил во САД.

Ѓулен негира дека има каква било врска со обидот да биде сменет неговиот поранешен другар. На Запад исто беа изразени сомнежи. Раководителот на германската разузнавачка служба, Бруно Кал, предизвика револт во Анкара кога на почетокот на годинава за списанието „Шпигл“ изјави дека турски службеници се обиделе да ги убедат неговите луѓе во замешаноста на Ѓулен, „но не успеале“.

Без одговор остануваат многу прашања во врска со минатогодишните случувања. На пример, се уште не се јасни многу нешта за тоа кога турските власти дознале за плановите да биде извршен преврат. Опозицијата го нарекува „контролиран преврат“ тврдејќи дека Владата оставила нештата да се развиваат за да ја искористи ситуацијата.

Другото утро по обидот за преврат Ердоган го опиша како „дар од Бога“. Наскоро тој објави и вонредна состојба во земјата, ситуација која му озвможи тој да владее со декрети.

Чистките се уште продолжуваат и се насочени не само кон директно вмешаните и поврзаните со Ѓулен, туку и кон други критичари на владата. Често при слични случувања се испраќаат обвиненија за учество во тероризам. Над 100.000 државни службеници беа избркани од работа, над 50.000 души се во затвор.

Кемал Киличдароглу, лидерот на опозицијата кемалистичка Републиканска народна партија, го нарекува Ердоган „диктатор“ и го обвинува дека ја злоупотребува вонредната ситуација, за да изврши „втор преврат, граѓански преврат“.

Неправедноста, самоволието и дискриминација се претворија во карактерни црти на режимот на Партијата на правдата и развојот, напиша Киличдароглу во британскиот весник „Гардијан“. Меѓу упасените се и раководителот на курдската Демократска партија на народите, Сељахадин Дермиташ и уште неколку пратеници.

Републиканската народна партија исто беше погодена, упасен беше и еден од нејзините пратеници. Енис Бербероглу неодамна беше осуден на 25 години затвор за објавување на државни тајни.

Таа пресуда го натера Киличдароглу да по почне Маршот на праведноста од Анкара до Истанбул.

Десетици илјади луѓе му се приклучија на маршот, независно од тоа што Владата го окарактеризира како тероризам. На завршувањето на маршот во неделата стотици илјади учествуваа на финалниот митинг во Истанбул, за да го слушнат барањето на Киличдароглу да биде укината вонредната состојба и да бидат ослободени пратениците и новинарите.

Турција во затворите има над 150 новинари, повеќе од која било друга земја во светот. Некои се обвинети за обидот за уривање на Владата, други се обвинети за тероризам. По обидот за преврат беше организиран референдум кој ја превтори земјата од парламентарен во претседателски систем. Противниците на Ердоган гледаат на ова како на уште еден чекор за владеење на едно лице.

Претседателот е изгледа посигурно вкопан од кога било досега. Но Турција е поделена како никогаш досега. Односите со Европската унија, а посебно со Германија, каде живее големо турско малцинство, се влошија. Германската Влада го блокираше обидот да организира митинг додека учествуваше на средбата на Г-20 во Хамбург минатата недела, што беше потег без преседан меѓу официјалните сојузнички во НАТО:

Холандија и Австрија презедоа слични мерки блокирајќи митинзи за одбележување на годишнината од обидот за преврат. А Европскиот парламент минатата недела повика преговорите за приклучување на Турција кон ЕУ, кои и така беа во ќорсокак, официјално да бидат прекинати.

Еродган нема намера да дозволи да се распадне Владата. Покани беа пратени до странски новинари да учествуваат на „годишните настани од толку големо значење за демократијата“.

Слични содржини