Претседателот на Европската народна партија (ЕПП), која е најголема сила на политичкиот спектар во Европа и најбројна во Европскиот парамент, Жозеф Дол, по повод исходот од референдумот за излез на Велика Британија од Европската унија, порача дека ЕПП „ќе ги брани правата на граѓаните на ЕУ што живеат во Велика Британија“.

жозеф дол бгнес

– Ние ја забележавме одлуката на британските гласачи. Европската народна партија и натаму останува сесрдно посветена на европскиот проект и на процесот на понатамошна интеграција со останатите 27 земји-членки на ЕУ. Во исто време, ние ќе ги браниме правата на граѓаните на Унијата што живеат во Велика Британија и цврсто се спротивставуваме на какви било обиди за мешање во правото на слобода на движење, рече Дол.

Првиот човек на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, пак, порача дека европските демохристијани ја почитуваат, но дека „со жалење ја прифаќаат одлуката на британските гласачи“, бидејќи, според него, тоа предизвикува голема штета на двете страни.

– Но, тоа беше британско гласање, а не европско. Луѓето во другите држави не сакаат да ја напуштат Европа. Постојат јасни мнозинства во полза на европскиот проект. Соработка во Европа е прашање на способноста на Европејците да го одредат својот начин на живот. Тоа е нашата цел за ефикасна борба против растечкиот национализам и популизам, истакна Вебер.

Во заедничка изјава Жозеф Дол и Манфред Вебер повикуваат на „почитување на демократската одлуката на британските гласачи“, но и побараа брзи преговори за излез на Британија од ЕУ, во рок од две години, како што е дефинирано во Лисабонскиот договор.

– Од наша гледна точка, не може да има никаков посебен третман за Велика Британија. Британците ја изразија својата желба да ја напуштат Европската унија. Заминување значи заминување. Времето на одбирање е завршено, рекоа водачите на Европската народна партија.

Дол истакна дека во текот на изминатите 70 години, Европската унија ја чувала европската слобода, мир и просперитет, како и дека ЕУ тоа ќе продолжи да го прави. Според Дол, Унијата мора да го врати ентузијазмот кај луѓето кон европскиот проект, преку доделување на повеќе опипливи бенефиции за сите европски граѓани.

– Заедно ќе изградиме вистински интегриран единствен пазар со што се создава можности за отворање на рбаотни места. Ние, исто така, подобро ќе ги заштитиме граѓаните на ЕУ преку соработка во областа на безбедноста. Како што рече претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер за време на неговата кампања, ЕУ мора да биде голема за големи нешта и мала за мали нешта и во иднина, рече Дол.

На крајот тој порачаа дека „на Европа и треба време за размислување“ и дека е потребна „подобра и попаметна Европа“, како и да се убедат луѓето да најдат одговори на големите предизвици на нашето време, како што се безбедноста и миграција.

– Силна Европа е осигурување на живот за сите земји членки, заклучија Дол и Вебер/МИА

Слични содржини