Го запалија Скопје, гореше два дена…

од Vladimir Zorba

 

На денешен ден 26 октомври skopje_old_gravure_xvii_century-1

 

1685.- Роден е италијанскиот композитор Ѓузепе Доменико Скарлати, виртуоз на чембало. Компонирал повеќе од 550 композиции за чембало, познатата соната во еден став, т.н. Скарлатиев сонатен облик, употребувајќи нова техника со брилијантни резултати.

1689.- По наредба на австрискиот генерал Силвио Пиколомини, австриската војска го запали Скопје, кое гореше два дена. Австријците го запалија градот за да се спасат од епидемијата на чумата, но опасната болест не беше запрена од огнот. За кусо време изгореа многу куќи, дуќани и други градежни објекти. Покрај загубите што му беа нанесени на населението, неколку илјади австриски војници заболеа и умреа од чумата, а меѓу нив и нивниот генерал Силвио Пиколомини.

1795.- Роден е Жорж Жан Дантон, француски револуционер, кој на 14 јули 1789 година го предводеше побунетиот народ на познатиот париски затвор Бастилја. Беше истакнат радикален револуционер и противник на монархијата во времето на Француската буржоаска револуција. Во 1794 година Робеспјер го обвини дека работел на обновување на монархијата и го осуди на смрт. Гилотиран е на 5 април 1794 година.

1820.- Во селото Кучевиште, Скопско, е роден Натанаил Кучевишки, митрополит, професор и еден од водачите на Кресненското востание во Македонија против турската власт. Умре во Пловдив, на 18 септември 1906 година.

1826.- Роден е унгарскиот политичар Лајош Моцари, основач и претседател на опозициската Независна партија на Унгарија, долгогодишен пратеник и борец за рамноправност на сите народности во Унгарија.

1837.- Роден е Карл Колдевеј, германски поларен истражувач. Тој беше водач на првата германска експедиција на Северниот пол во 1868 година. Умре на 18 мај 1908 година.

1842.- Роден е рускиот сликар Василиј Васиљевич Верешчагин, кој инспириран од воените мотиви го изрази своето мајсторство. Сликарство учел на Академијата во Петроград, а се усовршувал во Париз. Посебно се забележителни неговите монументални композиции од руско-турската војна 1877-1878 година.

1863.- Основан е Фудбалскиот сојуз на Англија.

1863.- Во Женева почна четиридневната меѓународна конференција на 14 земји на која е основан Црвениот крст и се објавени принципите кои во 1864 година послужија како основа за усвојување на Женевската конвенција за заштита на жртвите од војни.

1874.- Умре Петер Корнелиус, германски композитор. Неговата опера “Багдатскиот берберин”, е една од најубавите комични опери. Роден е на 24 декември 1824 година.

1896.- Во Адис Абеба е потпишан мировниот договор меѓу Италија и Абисинија (денешна Етиопија) со што е призната нејзината независност.

1905.- Поради неуспехот на револуцијата во Русија, работниците во Петроград го основаа првиот Совет.

1905.- Шведска ја призна независноста на Норвешка.

1911.- Прокламирана е Кинеската Република.

1916.- Роден е францускиот државник Франсоа Митеран кој како прв социјалист во мај 1981 година е избран за претседател на Франција, останувајќи на таа функција 14 години. Во Втората светска војна беше еден од водачите на француското Движење на отпорот, а од 1971 година и лидер на Социјалистичката партија на Франција.

1917.- Бразил и објави војна на Германија во Првата светска војна.

1919.- Роден е иранскиот шах Мохамед Реза Пахлави, монарх на Иран од 1941 до 1979 година. Владеејќи автократски, во 1953 година предизвикал уставна криза.

1921.- На смрт со бесење е осуден членот на комунистичката терористичка организација „Црвена правда“ Алија Алијагиќ, кој на 21 јули 1921 година го уби министерот за внатрешни работи на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, Милорад Драшковиќ. Повод за атентатот беше Законот за заштита на државите насочен против комунистите, познат како „Обзнана“, донесен кон крајот на 1920 година.

1955.- Во Белград умре Радослав К. Петковски, македонски писател. Основна тема на неговите дела е животот на луѓето што се борат за основна егзистенција. Главни негови дела се збирките разкази “Рибарот Климе” и “Рашанец”. Роден е во Ресен, на  август 1916 година.

1955.- Австрискиот парламент го прифати Законот за постојана независност на земјата. Тој ден се прославува како национален празник на Република Австрија.

1961.- Шведската академија му ја додели Нобеловата награда на Иво Андриќ за книжевност.

1972.- Умре рускиот конструктор на авиони и хеликоптери Игор Иванович Сикорски. Во 1908 година конструира хеликоптер, а во 1913 година направи авион со повеќе мотори.

1976.- Генералното собрание на Обединетите нации едногласно го осуди апартхејдот и ги повика сите влади на земјите-членки да ги забранат сите контакти со Транскеја, Јужна Африка.

1992.- Перуанскиот печат соопшти дека познатиот археолог Валтер Алва пронашол непозната група од 15 камени пирамиди, опкружени со населби чија старост се пронеценува на 35 векови. Новооткриениот археолошки локалитет зафаќа површина од три километри квадратни и се наоѓа на околу 60 километри од перуанскиот град Чиклајо.

1993.- Водачот на Црвените бригади, Марио Морети, во интервјуто дадено од неговата затворска ќелија, што го пренесуваше телевизискиот канал “РАИ УНО”, призна дека го убил поранешниот премиер Алдо Моро. “Никогаш немаше да дозволам некој друг да го направи тоа. Тоа беше за мене и го извршив”, изјави Морети.

1993.- Во Брисел, на вонредниот собир на европските дванаесетмина, Европската заедница стана Европска унија.

1993.- Во Загреб е основано Хрватско-македонско друштво.

1994.- Израел и Јордан потпишаа договор со кој после 40 години и формално заврши воената состојба помеѓу двете држави.

1995.- На Малта е убиен водачот на палестинската терористичка исламска организација „Исламски џихад“ Фати Шкаки, кој планирал многу напади во кои се убиени десетина Израелци.

1995.- Во Скопје умре Киро Поповски, претседател на Собранието на Република Македонија. Роден е во селото Вратница, Тетовско, на 13 април 1942 година.

1996.- Во Сарај, кај Скопје, е поставен камен-темелникот на новата црква „Света Великомаченица Злата Мегленска“.

1998.- Претседателите на Перу и Екватор потпишаа формална декларација со која е решен граничниот спор на двете јужноамерикански земји. Спорот настана во почетокот на 19. век поради кој повеќе пати војуваа.

2002.- Припадници на руските специјални сили упаднаа во московскиот театар „Дубровка“ при што ги ликвидираа сите 50 чеченски терористи кои цели 60 часа држеа 800 гледачи како заложници заканувајќи се дека ќе ги дигнат во воздух и себе и заложниците ако руските власти не отстапат од сите операции во Чеченија и ја повлечат војската од оваа севернокавказка република. Во акцијата на руските специјалци животот го загубија 128 заложници.

2004.- Израелскиот парламент го одобри планот на премиерот Аријел Шарон за повлекување на израелските доселеници од појасот Газа и делови на Западниот брег, окупирани во 1967 година.

MIA

Слични содржини