Груевски намерно не ги примал поканите на СЈО за „Талир“, за да нема обвинение

од Vladimir Zorba

Специјалното јавно обвинителство има врзани раце за затворање на истрагата за „Талир“ бидејќи екс премиерот Никола Груевски, Кирил Божиновски и Мартин Протогер, осомничени во случајот не ги примаат поканите за давање исказ во СЈО, информира ТВ24.

Правниците пoтенцираат дека за кривични дела за кои е предвидена казна затвор над пет години, обвинителството мора да му овозможи на осомничениот да даде своја одбрана. Знаејќи го тоа, Груевски, Божиновски и Протогер, а имајќи во предвид дека рокот на СЈО за поднесување обвиненија истекува, тие не се одзвале на поканите. Но, тоа не значи дека СЈО нема да може ја продолжи истрагата за овој или за останатите случаи за кои до петок нема да поднесе обвинение.

„Ако некое кривично дело е сторено тоа не може да се анулира со самото штоа што му завршува рокот на Специјалното јавно обвинителство за поднесување на обвиненија. Секое кривично дело кое е откриено треба да го гони надлежниот јавен обвинител и според тоа сметам дека во наредниот период ќе се најде некакво решение во парламентот – дали да преминат сите овинители од СЈО во редовното обвинителство или некоја промена на законот за СЈО во поглед на стварната надлежност така што ова сега е само привремена пречка што го спречува СЈО во процесуирањето на случаите поради истекот на нивниот прок за поднесување на обвиненија за неколку дена“, вели Китановски.

Од СЈО најавуваат дека до истекот на мандатот до Кривичниот суд ќе поднесат десетина обвиненија меѓу кои за случаите „Титаник“, „Тврдина“, „Труст“, „Тенк“, „Триста“, „Топлик“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Тендери“, „Тотал“, „Тифани“. Но според Китановски, обвиненијата можат да заглават во судот поради сите случувања поврзани со Кривичниот суд.

„Во Кривичниот суд се случува хаос. Нема се уште избрано претседател на судот, а Судскиот совет направи рашомонијада околу изборот, односно не изборот на претседател и сето тоа се одрази и врз работата на судиите без разлика дали на судиите кои работат на претходна постапка или на оценка на обвинителен акт“, вели Китановски.

Доколку се има предвид дека обвинението „Транспортер“ за градоначалникот на Битола, Владимир Талески беше оценето како позитивно по повеќе од два месеци од неговото испраќање во Кривичниот суд, а и судската ферија која почнува на средината на јули, се очекува најрано во септември осомничените да седнат на обвинтелна клупа. До тогаш, Катица Јанева најавува дека ќе продолжат со истрагите, а пак парламентарното мнозинство ќе работи на продолжување на мандатот на СЈО за целосно истражување на криминалите од прислушуваните разговори./извор ТВ24

Слични содржини