Изолирани од меѓународниот пазар, Иранците го чекаа со нетрпение укинување на санкциите предвидени во нуклеарниот договор, кој им овозможува да купуваат во странство преку интернет и да ги купат слободно најновите модели американски смартфони.

За посетителите, на саем на книгата што се одржа неодамна во Техеран беа поставени рекламни плакати со текст “Купувајте директно во Амазон” , а имаа горчлив вкус: за иранскиот корисник е практично невозможно да прави нарачки во сајтот на американскиот гигант за онлајн шопинг, бидејќи земјата нема пристап до глобалниот банкарска систем Свифт.

Од 2006 година, Иранците се подложени на серија санкции од страна на ОН, САД и Европската унија, кои експерти ги дефинираат како најстрогите во светот.

Во таква ситуација тие се насочија кон посредниците. На Саемот “Амазон” всушност беше локална компанија која нуди пристап до библиотеки на англиски јазик. . . за тројна цена.

Истиот економски модел се применува за смартфоните, козметиката и други производи произведени на Запад: во отсуство на официјални канали шверцот цвета.

Нуклеарниот договорот потпишан во вторник во Виена со големите сили, е така долго очекуваниот излез од оваа ситуација. Иранците се надеваат да профитираат побрзо од новото отворање на внатрешниот пазар, со најдобрите понуди и поголем избор на производи.

“Економијата е како телефонска линија. Колку повеќе линии имате со други земји, толку подобра ќе е трговијата”, резимира Мохамад Голи Јусеф, професор по економија на универзитетот “Аламо Табатабеј” во Техеран. “Кога стоките се увезуваат слободно, е можно да се создадат директни врски со производителот – во земјите во Европа или во САД и да се ослободат од посредниците”, објаснува тој.

Во април самиот умерен претседател Хасан Рохани ги советуваше оние кои имаат корист од санкциите, “да си побараат нова работа”.

Склучениот во ноември 2013 година договор укина дел од санкциите и западните компании ја искористија приликата да ги обноват односите со иранските партнери. Некои го чекаат само конечниот договор, за да се финализира договорот.
Економијата останува ранлива
Со население од околу 78 милиони луѓе, Иран всушност е пазар на иднината за странските компании, најмногу поради тоа што повеќе од половина Иранци (56 проценти) се на возраст под 30 години – население кое ги користи максимално новите комуникации и е жедно за технолошките новини.

Во Техеран “ајФон 6”, увоз од Турција, се продава за 28,5 милиони риали (850 долари на слободниот пазар) кој може да се купи за 750 долари (без такси) во САД. “Епл” сепак не оперира во Иран поради американските санкции и проблемите доаѓаат по купувањето.

“Поради санкциите не можеме да ги плаќаме апликациите”, објаснува 30-годишната Сара Деракшам, професорка по англиски јазик, која се зачлени на “Appstore” преку пријател во Канада.

Гаранциите се скапи, бидејќи гаранцијата на производителот не е валидна во Иран. “Од продавницата ме натераа да платам локална гаранција од 100 долари, но таа не беше призната од страна на осигурувачот. Требаше да поднесам жалба, за да добијам нов телефон”, раскажува Деракшам.

Иако некои високи политичари, како поранешниот ултра-конзервативен претседател Махмуд Ахмадинеџад, ги омаловажаваат последиците од санкциите, Рохани, призна дека странските инвестиции, од кои земјата има потреба, ќе се вратат само по отстранување на санкциите.

При официјалната невработеност од 17 отсто, инфлација од 15 отсто и 3 проценти економски раст Иран останува ранлив за флуктуации во курсот на нафтата – главен извор на приходи во валута за земјата, која располага со четврти по големина во светот нафтени наоѓалишта.

Скокот на цените на црното злато во последните години овозможи да се ограничат последиците од санкциите. Суровиот колапс во цените во пролетта на 2014 година го направи враќањето на Иран на меѓународната сцена уште повеќе итно.

Некои Иранци сметаат дека веќе е доцна. Али Езади има завршено туризам, но поради недостаток на работа, тој вади лебот како возач на такси во Техеран. “Договор или не – тоа нема да промени ништо за мене”, вели 24-годишниот маж, кој мисли да емигрира во Канада.

Слични содржини