Кој побара од Иванов да ја повлече одлуката, а кој го поддржа?

од desk2

Генералниот секретар на ОБСЕ, двајца еврокомесари, министри на земји-членки на ЕУ и амбасадорот на САД во Македонија досега побараа македонскиот претседател Ѓорге Иванов да ја преиспита својата одлука да не го додели мандатот на СДСМ, кој обезбеди 67 пратенички потписи, односно мнозинство во Собранието.

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, вчера на „Твитер“ изрази загриженост поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев:

Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани.
Вчера, високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини побарала од Иванов да ја ревидира својата одлука во интерес на волјата и на интересот на сите граѓани:

Никаде во демократскиот свет не може на парламентарното мнозинство, кое го претставува мнозинството на граѓаните во унитарна држава, да не му се дозволи да формира влада. Побарав од Иванов да ја ревидира својата одлука во интерес на волјата и на интересот на сите граѓани, согласно Уставот на Македонија, кој вели дека „мандатот се дава на лидерот кој има мнозинство во парламентот“
Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, порача дека „во демократија мора да се признае парламентарното мнозинство, иако некому тоа можеби не му се допаѓа“:

Сите лидери, вклучително и претседателот, мора да го почитуваат исходот од последните избори. Политичките лидери и институции да дозволат демократските процеси да течат, во интерес на граѓаните.
Aмбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, вчера го повика претседателот на државата, Ѓорге Иванов, повторно да ја разгледа својата одлука:

Сметаме дека ова не е конзистентно со основните демократски принципи и со владеењето на правото, кои се клучни вредности на НАТО. Како стратешки партнери на Македонија и како пријатели, со цела почит кон суверенитетот и кон унитарноста на Македонија, го повикуваме Иванов повторно да ја разгледа одлуката.
Се огласи и британскиот министер за Европа, сер Алан Данкан со порака објавена на веб-сајтот на британскиот Форин Офис .

67 новоизбрани пратеници кои претставуваат различни заедници во Македонија побараа да формираат влада. 67 од 120 е јасно мнозинство. Претседателот Иванов треба да си ја преиспита одлуката
Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, изјави дека е вознемирен од состојбата во земјава и побара Иванов да ја преиспита одлуката:

Претседателот Иванов го лишува досегашниот лидер на опозицијата од мандатот за формирање влада, иако тој го обезбеди парламентарното мнозинство зад себе. Тоа е спротивно на демократските принципи и на европските вредности, на кои земјата се обврза. Претседателот Иванов би требало да ја преиспита оваа одлука и да ја коригира во интерес на граѓаните на својата земја – порача Габриел.
Повик да се почитува демократската одлука на граѓаните и да се прифати секое демократски договорено мнозинство упатија и тројцата европарламентарци Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл:

Од суштинско значење е исходот од изборите и волјата на народот да се почитуваат и да се овозможи да се одвиваат демократските процеси, како што би се очекувало во едно демократско општество
Единствено руското МНР со вчерашната и со денешната изјава го поддржа Иванов:

Еврокомесарот Јоханес Хан, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и други претставници на т.н. „просветлена Европа“, продолжуваат бесрамно да вршат невиден притисок врз македонскиот претседател Ѓорге Иванов, барајќи од него премиерскиот мандат да го даде на опозицијата, која ја прифати ултимативната „Албанска платформа“/Мета

Слични содржини