ЛАГА е, нема да се градат станови за мигранти, опозицијата шири паника!

од Vladimir Zorba

Ниту ќе се градат станови за бегалци и мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа. Македонија не е атрактивна земја за бегалците. Опозицијата само шири страв кај граѓаните, вели министерката за труд и социјала Мила Царовска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министерке Царовска, стратегијата за бегалци предизвика реакции и дилеми во јавноста. Опозицијата ве обвини дека ќе се градат станови за мигранти, вие демантиравте. Може ли да ни кажете за што прецизно станува збор?

Опозицијата се обиде да направи ширење на страв по однос на оваа стратегија. Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година е продолжение на стратегијата 2009-2015 година, со истиот наслов, која што ја донела ВМРО-ДПМНЕ. Многу е важно да знаеме дека токму ВМРО-ДПМНЕ, коишто ја донеле оваа стратегија, зборува против оваа стратегија, а во оваа стратегија се вклучени најголем број од работите кои биле вклучени во претходната стратегија. Затоа нема никакви потреба од страв. Македонија си е декларирана и продолжува да биде транзит земја, и тоа се гледа по статистики и бројки. Во 2015-2016 година, пред да се затвори рутата, тоа е некаде 9 март 2016 година, во Македонија имало 1.600 мигранти, во моментов во Македонија нема повеќе од 60 во двата транзитни центри и во центарот за азил. Овие бројки многу кажуваат дека Македонија ниту е атрактивна земја, ниту некој има потреба да остане во државата. Дополнително, стратегијата за бегалци, не е стратегија за мигранти. Мигранти, бегалци и баратели на азил се три различни категории. Затоа, токму со оваа стратегија, ние даваме насока, патоказ е оваа стратегија, не е обврзувачки документ, не е закон со кој ние ќе изградиме станови, со кои се обврзува државата да изгради станови, ниту пак дека ќе им дадеме државјанства на овие групи на граѓани. Тоа се регулира согласно законските решенија во Македонија, коишто претходно се донесени, во 2009 се регулира статусот на овие граѓани и тоа токму владата на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа е важно да кажеме дека ние со оваа стратегија зборуваме само за оние кои имаат некаков регулиран статус во државата и баратели на азил, а не за мигранти. Нема потреба од никаков страв и не се градат никакви станови, ниту се подготвуваат кампови.

Дали воопшто ќе се градат станови за бегалци и за која категорија на бегалци?

Не, нема воопшто да се градат станови за бегалци. Македонија во моментов нема ни предвидено буџетски средства за градење на објекти каде што ќе се сместуваат бегалци. Прво би го решавале прашањето на лицата коишто се бездомни во Македонија и јас напорно работам на тоа да изнајдам средства или земање на можен кредит за да се изградат социјални станови, но за граѓаните коишто се на територијата на Македонија. Оваа стратегија е поврзана со меѓународни документи коишто Македонија ги потпишала многу одамна, резолуцијата ја потпишала во 1994 година, па после тоа имаме донесено стратегија и сега ова е континуитет на таа стратегија, што укажува дека Македонија како држава е социјална и има хуман третман кон лицата коишто транзитираат и ќе ги поддржи во процесот на стигнување до нивната дестинација.

Кога може да очекуваме ваш одговор на интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието?

Јас имам законски рок од 15 дена и во законскиот рок ќе одговорам. Оваа интерпелација беше една од бројните неосновани интерпелации коишто Собранието ги достави до министрите и наместо сега да се занимавам со клучни прашања и со животните проблеми на граѓаните за кои во суштина сум поставена како министер, јас треба да одговарам на неосновани обвинувања од страна на опозицијата и партиски манипулации со граѓаните.

Целото интервју со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска тука

blob:https://www.slobodnaevropa.mk/06ed5929-d6dd-4c50-a4f8-eee0aa31a19a

Слични содржини