Македонија пред полни трибини со Гонзалез ќе бркаат победа против Исланд

од Vladimir Zorba

Ракометната репрезентација на Македонија по настапот на Светското првенство во Франција вечерва го продолжува циклусот во квалификациите за Европското првенство во Хрватска 2018. Противник на нашите ракометари е селекцијата на Исланд, против која на Светското во групата во Мец одигравме нерешно 27:27.

Исланд во Скопје допатува посилен бидејќи им се враќа најдобриот играч Арон Палмарсон.

Македонија на овој дуел ќе биде предводена од новиот селектор Раул Гонзалез, кој за вечерашниот ривал рече дека е голем предизвик.

– Исланд е силна репрезентација, особено е опасен кога Палмарсон е во тимот, а тој сега се наоѓа во добра форма. Имаме голем предизвик пред нас. Ќе биде тешко, бидејќи многу работи ќе бидат попознати по овој двомеч, изјави Раул.

Тој за денешниот натпревар ги избра следниве 16 ракометари: Никола Митревски, Дејан Манасков, Стојанче Стоилов, Кирил Лазаров, Влатко Митков, Филип Талески, Филип Миркуловски, Велко Маркоски, Борко Ристовски, Никола Маркоски, Гоце Георгиевски, Филип Лазаров, Гоце Ојлески, Филип Кузмановски, Марко Нелоски, Жарко Пешевски.

Од повиканите 19 играчи отпаднаа: Мартин Томовски, Мартин Велковски и Мартин Поповски.

Од групата 4 вчера во првиот натпревар од 3. коло Украина ја победи Чешка со 26:23.

Натпреварот Македонија – Исланд се игра во ВИП Арена СЦ „Борис Трајковски“. Почетокот е во 20 часот, а дуелот ќе го судат германските судии: Ларс Гепел и Маркус Хелбиг. Влезниците за натпреварот веќе се распродадени./МИА

Слични содржини