Напаѓачот на железничката станица во Брисел е 37-годишник од Моленбек

од desk2

Осомничениот бомбаш самоубиец кој детонираше експлозиви на железничката станица во Брисел во вторник навечер е 37-годишен маж од дистриктот Моленбек во Брисел, објави каналот VTM.


Тоа е регион каде мнозинството жители се имигранти, а неколкумина од таму беа вклучени и во терористичките напади на ИД во Париз и во Брисел во 2015 и 2016 година. Денеска се врши претрес во неколку кучи во населбата.

Белгискиот министер за внатрешни работи Јан Јамбон во среда рече дека на истражителите им е познат идентитетот на мажот кого го усмртија војниците кои ја чуваа станицата, но никој не сакаше да го соопшти неговото име пред прес-конференцијата одржана со обвинителите.

„Мажот врескаше и врескаше, зборуваше за џихад, викаше Алаху акбар и детонираше мала актовка која беше покрај него. Луѓето само излегуваа“, вели работник од железницата.
Тој сведочи дека мажот имал темна кожа, куса коса и носел бела маица и црни пантолони.

Потсетуваме дека белгиската војска синоќа во 20.30 часот усмрти едно лице по помала експлозија на станицата, по што луѓето беа евакуирани, а полицијата го обиколи поширокото подрачје околу станицата. Никој не настрада во инцидентот. Настанот се смета за терористички чин, а истрагата е во тек.

Слични содржини