Преговорите кои отпочнаа за надминување на политичката криза околу владеењето на авторитарната власт во Македонија, во четирипартитен состав и со олеснувачи и посредници од Брисел и некои од  домашните амбасадори – добија погрешен тек и динамика.

frckoski1-540x360

Имено, дипломатската посредничка фела се постави во улога на посредник помеѓу, во основа две страни, власта и опозицијата и применува техники на таа позиција познати, но длабоко неефикасни во нашиот случај. Тоасе случува поради промашување во основната оценка за тоа каде лежи суштината на кризата или проблемот и каде е причината и истовремено можноста за решавање на истата.

Ако примените техники пригодни за посредување меѓу две страни, посредникот е во позиција да ги притиска и двете кон компромис и во таква ситуација, како кај нас прави радикална неправда и истовремено и дава можност на диктатурата да глуми преговори, деликатни и тајновити, а всушност да спроведува разводнувањето и  блокада на силата на промените и народниот бес. Тоа почнува да се случува во Македонија со преговорите. Власта меневрира со цел да го спаси премиерот со трите оставки и предлозите од нивниот пајташ ДУИ за темелна реконструкција на владата која сепак ќе ја предводел Груевски или некоја кукла од видот на Јолевски.
Во истов реме  нема и не може да има суштествена промена на позицијата кај опозицијата која бара оставка на владата и формирање на преодна влада. Тоа  станува предмет на нервоза и дополнителен притисок на дипломатите кон неа. Почнуваат да се шират дипломатски брифинзи во сенка дека „решение е на повидок“ до некој „петок“ што е техника на омекнување на опозицијата!

Зошто ваквите преговори се грешка?

Посочивме, но не разбраа, дека преговори со диктаторска и криминална врхушка за која симнувањето од власт е еднакво со губење на слободата, не може да се водат на класичен начин на посредништво меѓу двете засегнати страни, власта и опозиција . Бидејќи позицијата на власта е ништо битно да не попушти или да изведува маневри за спасување на диктаторот и секако, избегнување на можен кривичен прогон. Опозицијата, од друга страна, нема мандат да влезе во таков маневар бидејќи ја претставува сета јавност против криминалната врхушка, а не само себе и своите партиски идеи за власта.
Со тоа опозицијата е ставена постојано да говори „НЕ, НЕ, НЕ“  на секој предлог за скапан компромис со власта, што е секогаш незгодно при преговарањето. Затоа преговори и посредништво од класичен, школски вид во такви позиции не е можно.
Тоа е само купување време кое, главно, е погодно само за власта.

Преговори и посредништво во вакви случаи се можни на други основи и со други техники кои, исто така, се познати е се учат во учебници. „Дапаче“ таквите се почести во сите пост-југословенски кризи, а конечно ние ги сведочевме и при Охридскиот Рамковен договор.

Прво, потребна е силна посредничка мисија, со посилен мандат.
Кај нас тоа се Американците и група европски земји, пред сè, Германија. Американците се земја која единствено со нас во регионот имаат Договор за стратешка соработка од 2008 и се одговорни за развојот на настаните кој отиде по ѓаволите во диктатура, а не само за површен и кревок меѓуетнички мир остваруван преку клептократска меѓуетничка коалиција на власт.

А Геманците поради силната подршка на нивните демохристијански секции на оваа врхушка на ДПМНЕ, која последниве ја разбраа погрешно како мандат за укинување на демократијата, правната држава и општа кражба.

Веројатно е тоа да биде вториот дел од преговорите кои сега се водат без абер од успех и со пренемагање на портпаролите на преговарачките тимови за дискреција, демек во интерес на ништото?!
Колку само уживаат во таа бесмисленост јадничките!

Преговарачката група мора да ги престрои преговорите кои понатаму би се воделе помеѓу медијаторот и власта, а посредник, посматрач би била опозицијата. Таа стори доволно нив да ги овозможи со разголување на диктатурата и го постави ултимативното барање за политичка одговорност на власта, нејзина демисија.
Тоа е доволно.  Нема зошто таа повеќе да преговара и наоѓа компромиси.

Медијаторите ја преземаат улогата на соочување на власта со ултимативното сценарио на нејзино повлекување, со серија опции, закани и ветувања!

Како Холбрук што му ветуваше на Милошевиќ, па овој заврши во Хаг!

Меѓународната заедница треба да престане да глуми помош и посредништво во ситуација каде објективно со држење неутрална трета страна и помага повторно само на власта да ја ублажи и надмине кризата на легитимитетот.
Таа меѓународна заедница направи доволно грешки со Македонија несогледувајќи каде оди државата во процесот на кобајаги „ЕУ приближување‘‘ и завршивме во диктатура.
Доволно попушташе и гледаше низ прсти на режимот омајана со флоскулата „безбедност пред демократија“. Тоа беше стратешка грешка.
Меѓународната нема право на уште една грешка со Македонија.

Немам намера серизно да ги третирам онаа „прдалана“ од албански партии кои „као“ глумат „разгледување на предлозите и изјаснување по нив“ и понуда на свои во суштина про-владини предлози.
Според мое мислење, најдобро сценарио за нив е да бидат ставени на „кратко јаже“ кај нашите стратешки партнери со јасна агенда на следни чекори.
Тоа делумно ќе ги спаси од срамот кој овие партии им го приредуваат на Албанците во Македонија.

Значи, драги мои, до Јуни одлука за предна влада и оставка на „манукот‘‘. Јасни дваесеттина точки за мандат на преодната влада кои не се ни од далеку само избори.

Посебен акцент на мешано обвинителство и специјален суд за процесирање на аферата со прислушувањето, како и обвиненија за инволвираните во криминалот. Тие како пакет треба да бидат одобрени од Парламентот и повеќе Парламентот нема работа со одлуките на таа влада.

Но внимавајте, драги мои, преодната влада е посебен проблем и предизвик.

Имено, опозицијата не може никако да прифати слуга на Груевски да ја води бидејќи ќе биде соочена со опструкција и давење во интерни расправи што и кога да се прави.
Премиерот ја дефинира агендата и темпото и ако тој е „груевиста“ владата е во опасност од постојани опструлции и блокада.

Четиричлената банда од ДПМНЕ (Груевски, Мијалков, Јанкуловска и Миле-ми-текна ),ако не биде обвинета и неутрализирана, ќе се повлече во позадина и ќе работи на опструкција во Парламентот, во администрацијата  и на терен за изборите.
Тоа е нивното  црно сценарио-Б каде „ни дале демек преодна влада„ и пак сме се заглавиле и не сме успеале.

Опозицијата ултимативно треба да ги контролира Министерствата за внатрешни, финансии и правда (заради именувањата на обвинителите). Заменикот премиер мора да има мандат да го заменува премиерот кога тој опструира, со право да закаже седница и без него.
При тоа министрите на опозицијата мора да бидат исклучително силни и одлучни личности бидејќи ќе бидат соочени со енормна опструкција и закани.

Во преодната влада, да ја даде Господ, има посебни „заеби“ кои целината на операцијата можат да ја компромитираат или дури потонат и тоа ќе биде сценарио Б на власта во заминување.

Значи, до тогаш поздрави од барикадите, камарадс!

Љубомир Д. Фрчкоски

Либертас /  фото: Телеграм

Слични содржини