Попоски – Данкан: Очекуваме позициите на Британија да останат поволни за Македонија

од desk2

Реформските процеси, евро-атлантските перспективи на Република Македонија и внатрешната состојба биле дел од темите на средбата помеѓу вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски и британскиот државен министер за Европа и Америка, Ален Данкан.

Министрите, како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи, разговарале и за билатералните односи, како и за неодамнешниот ЕУ-референдум во Обединетото Кралство и натамошните чекори на британската Влада за излез од Европската Унија.

– Очекуваме идното позиционирање на Велика Британија да остане поволно во однос на Македонија и регионот, особено во делот на економската размена и поддршката во евроатлантските интеграции – рекол Попоски на средбата, додавајќи дека не очекува „поместувања на сметка на земјите-кандидати, особено во делот на трговските договори кои ќе следуваат“.

Посебен акцент, Попоски и Данкан на средбата ставиле и на членството на Македонија во НАТО како стратешка определба.

– Министерот Попоски, изразувајќи благодарност за континуираната британска поддршка за интеграцијата на Република Македонија во меѓународните организации, ја потенцираше посветеноста за продолжување на партнерскиот однос помеѓу двете држави и потребата за развој на врските – стои во соопштението од МНР за средбата.

Слични содржини