Се отвори јубилејното 20. издание на Скопје Филм Фестивал

од Vladimir Zorba

Со проекцијата на филмот „Реквием за госпоѓа Ј“ во режија на Бојан Булетиќ, а во копродукција на Скопје филм студио, вчеравечер во полната сала на киното „Милениум“ се отвори јубилејното издание на Скопски филмски фестивал, кој се одржува од 20 до 28 април.

Филмот беше прикажан на годинешното 67. издание на Берлинале, на ФЕСТ Белград каде освои награда за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, а на 21. Интернационален филмски фестивал во Софија ја освои наградата ФИПРЕСЦИ која ја доделува Интернационалната федерација на филмски критичари.  

На премиерата присуствуваа и беа поздравени со огромен аплауз режисерот Бојан Вулетиќ и актерката Мирјана Карановиќ, како и продуцентите Ненад Дукиќ и Миша Могоровиќ заедно со и македонската екипа која работеше на филмот.

Режисерот пред македонската публика изјави: „Чест ми е што нашиот филм може да го отвори овој значаен фестивал. Филмот е делумно сниман во овој град, меѓутоа тој е во целост монтиран, како една од најважните фази во правењето филм, токму тука. И според тоа сум на некој начин возбуден што по тоа симболично раѓање, што се однесува на монтажата, сега филмот може на некој начин да се врати во овој град.“

 

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и мотивна криза која владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната ги следи животите на четири жени кои припаѓаат на повеќе различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва. Главниот лик, гoспоѓа Ј, откако останува без работа и пензија, бара начин материјално да го обезбеди своето семејство. Постарата ќерка крие дека е бремена, помладата ќерка влегува во бурен пубертет, а свекрвата само молчи и не комуницира со никој. На еден поинаков начин, преку црн хумор, овој филм се обидува да зборува за сериозни теми од животот во транзиција.

Во рамките на СФФ вечерва ќе биде прикажана премиерата на најновиот филм на Коле Неделковски, комедијата „Ах, љубов моја“, во склоп на програмата на филмови од македонска продукција.

Филмовите во овогодинешното јубилејно издание на фестивалот се  распоредени во осум програми: Гала, Програма на авторски филмПанорама на светски филмМакедонска продукција, a календарот на прикажување на вкупно 79-те филма можете да го погледнете на skopjefilmfestival.mk.

 

Слични содржини