Специјалното Јавно Обвинителство на Катица Јанева повторно предупредува дека согласно членот 151 од Кривичниот Законик на Република Македонија, објавувањето на прислушувани приватни разговори е казниво со казна затвор од 1 до 5 години. Во продолжение ви го пренесуваме интегрално целото соопштение до јавноста:сјо

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите најостро го осудува објавувањето на материјали од приватни разговори кои изминатите денови се појавија на социјалните мрежи, а со кои се нарушува интегритетот, достоинството и моралот на определени лица. Во оваа насока појаснуваме дека објавувањето на вакви материјали е кривично дело, согласно членот 151 од Кривичниот законик. Овој член предвидува дека тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со казна затвор од една до пет години, а со оваа казна ќе се казни и тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана. Воедно со истата казна ќе се казни и тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица. Како што веќе еднаш кажавме, апелиравме до сите лица кои се засегнати со објавувањето на материјалите од приватните разговори кои се појавија на социјалните мрежи истото да го пријават до ова Јавно обвинителство во најкус можен рок, како би се овозможило во рамки на нашите надлежности истите да бидат истражени. Воедно, ги повикуваме и сите субјекти кои поседуваат незаконско прибавени аудио и друг вид на разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток можен рок до ова Јавно обвинителство. Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење повторно го повикува Собранието на Република Македонија согласно својот мандат да ги имплементира препораките упатени во мислењето на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста. Оттука го потсетуваме Собранието дека во функција на остварување соодветна рамнотежа помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста препораките укажуваат дека е потребно да се дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес, со некои потесно дефинирани исклучоци поврзани со јавното објавување на информации за интимни аспекти од приватниот и семејниот живот, како и укажувањето за потребата од прецизно дефинирање на обврската за предавање на материјалите на Специјалното јавно обвинителство која не треба да го исклучи објавувањето на такви материјали кои се однесуваат на работи од јавен интерес. Ја информираме јавноста дека од страна на ова Јавно обвинителство до Собранието на Република Македонија денес беше доставена Иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци која иницијатива произлегува како резултат на потребата од уредување на надлежноста на Јавното обвинителсто за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова Јавно обвинителство. Во таа насока цениме дека донесувањето на овој закон ќе обезбеди целосна имплементација на начелото на автономност на ова Јавно обвинителство во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Воедно, ја информираме јавноста дека во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е поведена предистражна постапка за приватни разговори кои беа објавени на социјалните мрежи.

Слични содржини