Спасовски: МВР е подготвено да постапи според одлуките на судот

од Vladimir Zorba

  Министерството за внатрешни работи е подготвено да делува врз основа на одлуките на судовите 24 часа и кога ќе ги добие сигурно ќе постапи во однос на нив, изјави денеска во касарната „Ѓорче Петров“ министерот Оливер Спасовски одговарајќи на новинарското прашање што ќе биде преземено во врска на решенијата за притвор на тројца полициски службеници од страна на судот по жалба на СЈО.

На новинарско прашање за наводните незаконски смени во МВР, Спасовски рече дека се направени проверки и не постои воопшто таков случај и дека сите поместувања во рамки на Министерството се прават законски.

Прашан до каде е истрагата за осквернувањето на гробиштата во Љуботен, Спасовски одговори дека СВР Скопје и Јавното обвинителство работат на расчистување на случајот, но сите дејствија во предистражна постапка се тајни.

Во однос на барањето на поранешниот премиер Никола Груевски за одобрување на повеќе телохранители, Спасовски рече дека добил барање за дополнителни 20 луѓе и тоа барање е процесуирано од Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање. Ние, како што додаде ќе добиеме стручни информации во однос на ова барање, па врз основа на тоа ќе го дадеме одговорот.

Прашан дали ќе почне со истражување на случаите за напади од страна на обезбедувањето на некој висок функционер, Спасовски рече дека веќе се преземени сериозни и дисциплински мерки кон полициски службеници.

На новинарско прашање за тоа дали имаат полициско обезбедување Мијалков и Чавков, Спасовски рече дека имаат решение за полициско обезбедување од четири, односно шест полициски службеници во времетраење направено врз основа на проценките направени од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Во однос на посетата на Прибе, Спасовски рече дека Прибе и неговата експертска група имаат сериозни забелешки и насоки за реформите во Македонија и дека МВР заслужува сериозни и длабоки реформи и ќе постапат по тие забелешки.

Прашан кој ќе биде координатор на Националниот проект за безбедносни реформи, Спасовски рече дека се во фаза кога МВР и Владата ќе треба да го одберат моделот на реформата и партнер што ќе ја следи, а врз основа на тоа ќе бидат донесени и кадровските решенија.

Одговарајќи на прашањето во однос на зголемениот број грабежи, Спасовски рече дека синоќа е приведено едно лице и се работина расчистување на околу десетина разбојништва низ аптеки во Скопје, како и на други случаи.

 

 

Слични содржини