Титулата Национален уметник се укинува

од Vladimir Zorba

  Доколку помине во Собранието, предлог законот на Владата, за престанок на важењето на Законот за национален уметник, оваа титула повеќе нема да се доделува на домашните уметници.Обидот на Владата да го укине Законот за национален уметник, е со цел, запирање на нерамноправниот третман меѓу националните уметници и другите вработени во културата, велат од ресорното министерство.

„Актуелниот Закон создава нерамноправен третман помеѓу националните уметници и другите вработени во културата, кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата. Но она што е особено забележливо е што со законот се овозможува активните уметници да се стекнат со правото до крајот на животот да остваруваат надоместок од две просечни плати месечно, независно од тоа што имаат редовни примања, или хонорари од остварени проекти“, велат од Министерството за култура.

Од овие причини, се предлага Законот да престане да важи, а националните уметници кои веќе го стекнале тоа право, ќе продолжат да го остваруваат, додаваат од ресорот Култура. И на Единствениот национален електронски регистар на прописи, е поставено известување за почеток на процесот на подготовка на предлог Законот и по собирањето на мислењата и забелешките, се очекува тој да влезе во собраниска процедура. Титулата Национален уметник се доделува од 2011 година, а досега ја добиле: пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски, пејачката Есма Реџепова, оперските пејачи Борис Трајанов и Ана Дурловски и поетот Никола Маџиров. Покрај доживотниот месечен надоместок од 60 илјади денари, титулата овозможува со сретства од буџетот, за националните уметници да се објавуваат монографии.

извор: Телма

Слични содржини