ТРАКТОРИ И КОМБАЈНИ поминаа, а дали на ред се булдожери и тенкови „За заедничка Македонија“?

од Vladimir Zorba

„Нема никакви платформи, туку има единствена програма на идна нова реформска влада, за единствена Македонија“ порача Заев и ги повика граѓаните што протестираат да се вратат дома. Со ова е повеќе од јасно дека сега ВМРО ДПМНЕ ќе мора или да се прави дека не слушнало за да ги продолжи протестите или да прифати мирен трансфер на власта и да признае дека веќе нема пречки за нивно заминување во опозиција.

Дури и ирелевантни за конечната разврска се чувствата на ВМРО ДПМНЕ, битни се фактите и бројките, а тоа е тоа што го гледа целата меѓународна заедница. Тука не станува збор за издвоено мислење, туку  една иста порака и од САД и ЕУ, НАТО, и влијателните Велика Британија,Франција, Германија и да не ги редиме сите пораки од меѓународните организации од Европарламентот до ОБСЕ и соседството. Сите како во хор велат дека тоа е така, а само ВМРО ДПМНЕ вели не, не е!?

Секако, Никола Грувски го немаше вчера да излезе пред домашната јавност, туку само неговиот задолжен портпарол Антонио Милошовски, патем  и поранешен дипломат на државата и партијата. Сега тој гласно говори против дипломатите и ги толкува по свое и негира и пораките, препораките и живите пресови на СДСМ, каде што јасно се кажува дека нема ништо од загрозувањето на унитарноста на Македонија.

Заев на пресот на промоција на новата владина програма исто така посочи дека нема униформи и менување пари, химни и менување знамиња и имиња, и многу прецизно изјави дека тој  кој бара и сака такво нешто може низ дијалог во парламент да разговара за да се расчисти, но со сите заеднички,  за сè тоа што може, а тоа што не може е ништо да не се крие под тепих како во минатото.

Антонио Милошовски пак, како носител на позициите на ВМРО ДПМНЕ во една реченица изјави дека за него и лидерот Груевски прифатлив одоговор им е само тој што тие сакаат да го слушнат- Не за „тиранската платформа“, а објаснувања не сакаат:

„Доколку Заев сака да ги увери граѓаните дека води политика за доброто на Македонија, треба да ја отфрли платформата.“ Немало потреба од митингашки говори, само два збора да кажел, тие кои ги барале тие, и кои сакаат да ги слушнат.
Тој додаде дека прифаќањето на платформата штети на унитарноста и стабилноста на државата и го повика Заев да прифати формирање малцинска влада или одржување на нови избори на кои ќе се гласа и за платформата.

ВМРО ДПМНЕ не го слушаат ниту ДУИ

Сепак, отпор кон  кажаното од Зоран Заев изрази и Бујар Османи, гласноговорникот на Али Ахмети, патем кој досега му местеше пенал шутеви на ВМРО ДПМНЕ, токму со вадење детали за т.н. тиранска платформа. И тој не е задоволен што Заев вчера ги отфикари и точката за „геноцид, химна, знаме, пари и униформи“.

ДУИ не се согласува  со Заев дека двојазичните банкноти и униформи се неуставни, вели за Радио Слободна Европа портпаролот на партијата Бујар Османи.

„Ние сметаме дека се целосно во рамки на Уставот како што и пасошите што се користат низ цела територија, па и надвор се двојазични веќе со децении“ вели Османи.

ВМРО ДПМНЕ  ова воопшто ниту го слушаат ниту го коментираат. Но, ова сепак покажува дека ако ништо друго не е точна констатацијата која им се продава на демонстрантите низ градовите дека „Заев е уценет и продал сè“ , туку дека Заев одбира што е дозволено, што е уставно, за што може да се разговара, за што не!

Вториот адут, колку за потврда дека станува збор за манипулација со граѓаните за да се извадат на улица за наводно предавство на Заев, а всушност да се спречи формирњето влада, е изјавата на еден од преговарачите на ДУИ со ВМРО ДПМНЕ.

Потпретседателот на ДУИ и градоначалник на Чаир, Изет Меџити во емисијата „Топ Тема“ на Телма, уште еднаш потврди дека ВМРО-ДПМНЕ преговарале цело време со ДУИ за платформата и прифатиле скоро сè што има во неа, а единствено не се договориле за Законот за заштита на сведоци и за продолжување на рокот на СЈО.

– „А што правеа ВМРО-ДПМНЕ 20 дена со нас? Преговараа за Платформата и времето тоа ќе го покаже како точно. Преговараа и за униформите и за парите да бидат двојазични“ – рече Меџити.

Само по себе значи сите преговарале за исти работи, и очигледно е дека таа тема им е потребна на ДУИ и партиите на Албанците, но и дека и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ  разговарале и никој не одбил категорично дека не сака да зборува за тоа,  како што сега бара гласноговорникот на Никола Груевски, Милошовски.

Според аналитичарите, преку презентација на владината програма, Заев на јавна сцена ги изби ирационалните стравови со кои врвот на ВМРО-ДПМНЕ ги заплашуваше граѓаните, а кои му послужија на претседателот Иванов како наводно алиби за да не му го даде на Заев мандатот за состав на влада.

„Сега на потег е Иванов, имајќи предвид дека доби јавно уверување дека ништо од она што го планирале коалициските партнери, не го загрозува уставниот поредок на државата“, оценува комуникологот Петар Арсовски за DW.

Реформирање на државата ДА- редефинирање НЕ !

Протестите секојдневно се оддржуваат во сите поголеми градови во државата. Граѓанската иницијатива за„Заедничка Македонија“, синоќа донесе трактори и комбајни пред Владата и Парламентот, за да се покаже незадоволството. Малку е нејасно сега од што, кога од „обвинетиот“ Заев се слушна дека нема продажба на државата, унитарноста и дека се на иста страна.

Заев поврди само дека ИМА промена на Владата, на власта и дека секој според словото на законот и Уставот ќе си го добие ако крадел,  односно дека реформи ќе има за подобар живот за заедничката и единствена Македонија.
За наредната седмица се најавува фазен настап за излез од кризата. Првин да се избере претседател на Парламентот и да се оформат комисиите. Потоа да се усогласи решение за локалните избори и  да се избере Влада.

Во меѓувреме ова е и последна шанса за спас на Иванов. Одлуката  за излез од кризата и мирниот трансфер сега е фрлена повторно во неговиот двор.

На улиците останува (не)задоволството за Македонија. Тракторите и комбајните поминаа вчера, па сега ако оди се според познатиот милошевички српски концепт, кога тој не дозволуваше да биде сменет од власт, на ред би биле камиони и булдожери околу парламентот, па тенкови  на улици… ама тоа беше концептот на диктаторот Слободан Милошевиќ. И  колку за грешната проценка на  Слобо, тој ем падна од власт, ем заврши во Хаг и почина по затворските зандани на Шевенинген.

Ова денеска е Македонија и пресретнувањето на тој одиум вчера го направи Зоран Заев на пресот на кој присуствуваа и амбасадори и меѓународната јавност, додека сè тоа се пренесуваше во живо. Информациите повеќе  не можат да се скријат и секој гледа и не само дали верува, се покажа дека ќе мора и да се проверува во кого и во што се верува. Единствено што не смее да се проверува е дали сме за или против  Македонија. Недвојбено, секој можеби на свој начин ама сите мора да се ЗА – за Македонија!

Ад

Слични содржини