Трет повик за странски експерти во домашни компании

од desk2

Македонските мали и средни компании до 29 јули годинава имаат можност да се пријават на третиот јавен повик за ангажирање странски експерти за домашни компании. Аплицирањето може да го направат по интерент или по пошта. Од досегашните два огласа, како што информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, услугата ја искористиле 96 компании, а анкетите покажуваат дека 78 отсто од нив се задоволни од странските експерти, а дури 90 отсто повторно би учествувале во проектот. Индикатор за успешноста на проектот, како што рече, е и просечната оценка од 4,55 од можната оценка од 1 до 5.

– Станува збор за проект кој треба да им помогне на македонските компании да го подигнат својот капацитет и знаења за да бидат поконкурентни на светскиот пазар. Суштината на овој проект е да се пренесе знаењето (know how) од странските експерти во македонските компании со цел да се подигне нивото на примена на новите технологии, рече Анѓушев на денешната дебата во Владата. Преку досегашната рализација на проектот, додаде, се подобрени и проширени технолошките процеси, креирани се производи и производни процеси, добиени се врвни нови производи и рецепти особено кај пекарската и прехранбената индустрија, а имплементирани се и стандарди во работењето.

Посетени се и земји од каде доаѓаат странските експерти и воспоставена е соработка со компании од нивните земји, подобрена е организацијата на работењето, работната атмосфера, изнајдени се нови клиенти, направена е оптимизација на производството и подобрена е наплатата. – Странските експерти во своите коментари за македонските компании навеле дека во компаниите има несоодветна организација на работењето, не се делигираат надлежностите поради што корпоративниот менталитет на управување треба да се издигне на повисоко ниво, неопходно е зголемување на ефикасноста, намалување на загубите, да се намали притисокот врз вработните и да се зголеми комуникацијата меѓу нив, да се зголеми организацијата на работењето, рече Анѓушев.

Додаде дека е неопходно и да се осмисли трансферот на владеење во компаниите на следна генерација на сопственост, бидејќи, како што кажа, македонските компании се млади и треба сопственоста да се пренесе на втората генерација и за тоа е неопходно да се пренесат странските искуства.
Анѓушев најави дека имаат намера македонските компании да ги изедначат со странските во делот на бенефициите и субвенциите и оти ќе продолжат да ги поддржуваат сите проекти што придонесуваат за зголемување на конкурентноста на македонските компании.

Тој апелираше компаниите да ја искористат можноста што им се пружа за да се стекнат со драгоцени искуства на експерти од странство за подобрување на нивниот технолошки процес, конкурентност, организацијата на работа,… Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада посочи дека нејзината земја е сериозно посветена да помогне во економскиот развој на Македонија и да ги пренесе нивните искуства и знаења. Нагласи дека 14 швајцарски експерти моментно даваат поддршка на македонски компании и додаде дека пренесувањето на искуствата и знаењата е многу корисно за компаниите. – Од моите контакти што ги имав досега можам да заклучам дека претприемачкиот дух и потенцијал на македонските компании е доста висок, рече Сутер Тејада.

Билјана Пеева Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија подвлече дека проектот досега има постигнато несомнени резултати и оти во голема мерка им овозможил на домашните компании да ги подобрат своите производствени процеси, но и да воведат нови алатки во работата и нови производи и на тој начин да ги зголемат своите извозни капацитети. Таа им препорача на стопанствениците да аплицираат на третиот повик и додаде дека од првите два повика членките на Комората во најголем дел имаат позитивни искуства, а во некои од компаниите корисници дури овозможил и отворање на нови работни места. Богослав Ангеловски од Сојузот на стопански комори посочи дека токму неговата фирма Ариљеметал била корисник на експертска помош и оти две години користеле експерт од Германија.

– Многу научивме од нив, но и тие научија од нас, рече Ангеловски. Дриљон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија рече дека ценат оти овој проект е многу значаен, бидејќи дава голема поддршка на компаниите. – Преку овој проект нашите компании имаат можност од прва рака да учат од странски експерти, а позитивните искуства од компаниите корисници и странските експерти се силен доказ за успешноста на овој проект, рече Исени. Претставникот на Дуна компјутери Александар Трајков им препорача на компаниите да внимаваат кога одбираат експерт.

– Неопходен е сериозен, стручен и искусен експерт и затоа неговото одбирање е многу битно и може да трае и шест месеци, рече Трајков. Министрите без ресор Зоран Шапуриќ, Зорица Апостолска, Рамиз Марко и Аднан Ќахил им порачаа на компаниите дека имаат доволно време до 29 јули да аплицираат на повикот и ветија дека ќе направат се за подобрување на конкурентноста на компаниите.

Шапуриќ посочи дека компаниите треба да ја искористат можноста со само 200 до 300 евра за сместување на експертот да добијат помош од пет до седум илјади евра, а Апостолска ја оцени како добра можност за подоготвување на компанијата за соработка состранските инвеститори и за коирстење на нивните производи како кооперанти.

Мерко го сподели своето искуство со ангажирање швајцарски експерт кога бил градоначалник на Струга, а Ќахил додаде дека ако порано технологијата се менувала на 10 до 12 години сега тоа е за многу пократок период поради што е неопходно странско искуство. На првиот јавен повик од проектот пристигнале 105 апликации од 98 компании од кои се реализирани 49 апликации. На вториот повик пристигнале 70 пријави од 64 компании од кои 47 се реализирани, а 18 или 26 проценти од апликациите биле откажани од стран ансамите компании.

На македонските компании им помагале пензионирани експерти од Швајцарија, Холандија, Германија и Австрија. Над 90 проценти од финасиските средства за овој проект се добиени како гранитови од четирите земји. Проектот е наменет за мали и средни компании со 10 до 250 вработени кои треба да постојат најмалку две години и да имаат најмалку 51 отсто домашен капитал. Досега 40 проценти од барањата за странски експерт се во делот на технологијата и производството, 30 проценти во организација на работење, 13 проценти за развивање на нови производи, 10 проценти за маркетинг и продажба, а седум проценти за човечки ресурси.

Слични содржини