Вечерва јубилеен 45 роденден на МКЦ

од Vladimir Zorba

Веќе традиционално 5 години Младинскиот културен центар програмата во новата година ја започнува со настанот насловен „Роденден“.
Оваа година се означуваат и јубилејни 45 години постоење МКЦ, и иако МКЦ официјално е отворен на 28.12.1972,  тие велат дека роденденот си го слават по „МКЦијански“ календар и оваа година „Роденден“ слават на 20 јануари, односно вечерва.

На програмата  се најавени изложба, музика, поезија, филм, отворање на Ап(о)тека, торта, дружење:

Во Галеријата МКЦ се отвора изложбата „НОМАД“, ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера (Белград, 1961-1998)*. Бидејќи веќе една година како светот остана без David Bowie, во музичкиот дел е планиран tribute концерт во чест на великанот отсвирен од Фолтин „Паднатите од Марс“. Концертот ќе се одржи во Денсинг сала „25 мај“.

Во програмата во кино Фросина е предвиден и поетскиот перформанс „Песнило“ на кој ќе настапат десетина поети кои ќе се обидат своето беснило да го искажат во поетска форма. Модератор на настанот е Иван Шопов, „кој и претходно знаел да ги мотивира поетите малку да откачат, да излезат од конвенционалното презентирање на тоа што го пишуваат. Креативни се, полни со енергија, на Песнило ги чекаме да откачат до крај“ – велат организаторите.

Во бифето во МКЦ од Србија доаѓа екипа која веќе 15-тина години е зад грамофоните, секаде каде што се почитува „органскиот црн звук“. Настапуваат под името „Тhe Funk Soul Brothers“, а сетовите им се почни со funk, soul, jazz, disco funk, afrobeat, dub и други сродни музички форми.

Во Кино Милениум е најавен 24 часовен бесплатен филмски маратон со селекција на филмови од „Cinedays“ 2016.

Во рамки на настанот „Роденден“ се отвора и МКЦ urban store, кој ќе се вика Ап(о)тека.

Прославата на 45-тиот роденден започнува од 20 часот, а влезот е слободен.

*Душан Герзиќ Гера e еден од најталентираните белградски ликовни уметници од крајот на 20 век, се движи во распон од слики, цртежи и колажи, до фотографии, сликање на тело, карикатури и стрипови. Гера последните десетина години од животот главно изложува во помали галерии во Париз и Њујорк, каде што живее некое време, а неговата работа е израз на спојот на неговиот бурен карактер и деликатноста на неговата личност и уметничката постапка. Вреди да се спомене дека има работено и како графички дизајнер (флаери, постери, омоти на плочи…) за музички групи како Хаустор, Електрични Оргазам, Идоли, ЕКВ…Тој е еден од првите уметници во бившата држава, кој се занимава со сликање по тело, а помеѓу сите ги има сликано телата на Соња Савиќ, Марина Перазиќ, како и членовите на ЕКВ за нивниот албум Екатерина Велика од 1985 година.

По смртта на Гера, неговите дела се прикажувани во многу белградски галерии. Неговото прерано заминување нѐ лиши од еден голем талент, но во исто време придонесе да се создаде легенда за уметникот, кој не само што создаваше уметност, туку и ја ширеше.
Изложбата ќе биде отворена со пригодна реч на неговиот брат Боривој Герзиќ.

 

Слични содржини