Еден од светски најпознатите американски метал состави “Faith No More“ го сними третиот спот од нивниот последен албум во Македонија. Во режија на Гоце Цветановски, видеото за нивната нова песна „Cone od shame” беше снимено со комплетна македонска екипа, од македонската компанија Lynx Animation Studios.
Како што објави магазинот Rolling Stone, идејата за снимање на видеото во Македонија била на басистот на бендот, Бил Гулд.
„Ова е една од оние песни кои мора да имаат и свое видео, бидејќи целата приказна е визуелна. Иако ќе беше полесно видеото да се снима во Аризона или Њу Мексико, сепак во Македонија, каде што сум бил неколку пати, почувствував „вибрации” и сметав дека е најсоодветно место за оваа песна”, вели тој.
Во својата изјава тој додава дека е презадоволен од тоа како режисерот ја визуелизирал целата приказна, а исто така го пофали и кастингот кој е составен од: Митко Апостоловски, Слагана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Муса Исуфи и Крле од „Деј оф“.
Песната „Cone of shame” е третата нумера која доби свое видео, од нивниот последен албум, „Sol invictus”.