(ВИДЕО) Шекеринска: Како е возможно во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ да има само четворица вработени?

од Vladimir Zorba

timthumb

Ако може ваш коментар околу скандалозното интервју со специјалната обвинителка Катица Јанева на МТВ1?

Во кој поглед мислите скандалозно, потполно се согласувам со вас, во однос на тоа дека македонската национална телевизија е швајцарско сирење во кој не се знае кој што краде и каде го носи. Мислам дека тоа покажува на какво дереџе се еден дел од институциите кои се плаќаат од џебот на македонските граѓани. Да не заборавме, МТВ е јавен сервис кој неколку пати по ред на претходните избори не успеа да ја заврши својата законска обврска согласно сите меѓународни и домашни мониторнзи. Македонската телевизија се финансира од секое македонско домаќинство, и таа на граѓаните треба да им понуди целосна, професионална и непристрасна информација. За жал очигледно некои луѓе се навикнаа МТВ да функционира како партиска испостава и партиска телевизија, и не им беше срам дури и да крадат матријали само за да создаваат фама дека промените во МТВ се невозможни. За нивна несреќа, промените и во МТВ се возможни и се случуваат, и се покажува дека ако се сака, се може, Македонската радио телевизија, навистина да биде сервис на сите граѓани, да биде отворена за сите и да не претставува партиски мегафон, рече Радмила Шекеринска, Заменик претседателка на СДСМ.

Коментар ваш за изјавата на Зоран Заев за воведување на двојазичност на територијата на цела Македонија?

Не е точно дека постои таква изјава, она што и Заев го кажува, она што СДСМ го кажува е дека во Македонија овие прашања се веќе уредени со Уставот и Законите, и единственото нешто што се случувало во изминатиов период скриено од јавноста е како што видовме, преговорите помеѓу Груевски и Ахмети во т.н Мајски договор со просредништво на меѓународни фактори за финансиски инјекции за борците на ОНА, и за закон за јазици за којшто овие две партии преговараа зад затворени врати и без присуство на јавноста. Тоа што Груевски и Ахмети го правеа, сега за тоа сакаат да обвинат некои други. 10 години се на власт, 8 години се во коалиција, и срамота е македонските граѓани од Викиликс да дознаваат кој им преговарал зад затворени врати. Македонија е држава на различни етнички заедници, правата и обврските се дефинирани во Уставот и законите, ние ќе го почитуваме секое право, затоа што ова е држава на сите нас, меѓутоа знаеме дека македонските граѓани, без разлика на која етничка заедница припаѓаат, се веќе уморни од дискусиите кои Груевски и Ахмети сакаат да ни ги сервираат. Сакаат да видат пристојно образование, сакаат да видат добри работни места, сакаат да најдат егзистенција, сакаат добро здраство. Овој тип на одново отварање на стари теми е само резултат на големата нервоза на Груевски и Ахмети дека веќе со вакви расипани игри нема да можат да владеат.

Колку време сте во СДСМ и колкав е вашиот надомест?

Тие информации вие ги објавивте меѓу останатите така што не морам да ви кажувам нешто што веќе го знаете бидејќи, за разлика од ВМРО ДПМНЕ, за разлика можеби и на вашата куќа, СДСМ си ги почитува законите. За ВМРО ДПМНЕ е шокантно дека, ако во некоја партија, некој работи, дека тој е пријавен согласно законите, инаку би ги кршел законите. За ВМРО ДПМНЕ е шокантно дека ние имаме луѓе коишто работат, а притоа не се плаќаат од Буџетот. Вистинското прашање во Македонија е како е возможно ВМРО ДПМНЕ да е партија во којашто работат само четворица кои примаат плата од партијата. Сите останати кои ги гледате во белата палата се всушност луѓе коишто се платени од буџетот и од сите граѓани на Македонија за да вршат партиски работи. Така што одговорите можеби на овие прашања можеби беа добар вовед за да ги поставиме вистинските одговори. Јас од моментот кога сум ангажирана во СДСМ, во тој момент сум ангажирана согласно законите, затоа што СДСМ не ги крши законите, и затоа што СДСМ не ги пријавува луѓето да работат на државна сметка, а да вршат партиски работи. Меѓутоа се надевам и очекувам дека оваа дискусија ќе почне со Државниот завод за ревизија, кој до сега не реагираше кога виде дека две години во ВМРО ДПМНЕ, само еден бил вработен, чуварот во белата зграда, или секретарката на Груевски, и интересното прашање е како луѓето кои работеа во Влада на Република Македонија денеска уште се околу Груевски – шефот на протокол, неговата секретарка за којашто дознавме во бомбите. Јас, еве денес сакам да го поставам прашањето – кој ги плаќа за нивната работа во ВМРО ДПМНЕ, каде се пријавени, и зошто македонските граѓани, од најсиромашни, до најбогати, треба да плаќаат за да Груевски продолжи да функционира како некрунисан крал на Република Македонија. Целата таа партиска свита ја плаќаат Македонските граѓани, и тоа единственото незаконито нешто во целата оваа дискусија.

Мислите дека се вработени во државна администрација, а работат во ВМРО ДПМНЕ, можеби се волонтери ?

Согласно информациите кои излегоа во медиумите, и беа кажани од страна на ВМРО ДПМНЕ, денеска во оваа партија официјално работат четворица. Пред две години, според нивниот финансиски извештај можеше да се види дека имаат само еден, или евентуално двајца со минимална плата, вработени. Јас ќе ви препорачам, ако ве пуштат некогаш во таа зграда, влезете и избројте, и влезете во Владата во Република Македонија и прашајте дали шефот на протокол на Груевски до минатата година се уште работи. Тоа се ваши пари, тоа се наши пари, тоа се пари на сите граѓани. Дали се уште секретарката на Груевски којашто беше позната во бомбите, и заради блискост со неговиот (заради тоа што е сестра со неговиот кум, којшто го купувал Водно во име на Груевски), дали се уште работи во Владата, или е волонтер, и тие информации се информации за кои секој има обврска да ги каже. За жал елементарните, основните прашања во Македонија не можат да бидат одговорени од страна на нејзините институции. И затоа јас не можам да кажам од каде се платени, меѓутоа од искуството којшто го гледаме од претходните години ова е најверојатната причина, платени од буџет, не верувам дека некој од нив заминале од работното место, и решиле сега да не работат.

Слични содржини