Русија оцени дека денешната изјава на британската премиерка Тереза Меј, според која Москва најверојатно стои зад нападот на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка е политички мотивирана и се базира на провокација.
– Тоа е циркуско шоу во британскиот парламент. Заклучокот е очигледен: ова е повторно информативно-политичка кампања базирана на провокација, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
Меј денеска во британскиот Парламент изјави дека е „многу веројатно“ дека Русија е одговорна за труењето со нервен агенс на Скрипал и неговата ќерка. Меј нагласи дека Британија во врска со тој случај е подготвена да преземе далеку посеризони мерки кон Русија отколку порано.
– Голема е веројатноста дека Русија е вмешана во труењето на Скрипал бидејќи е утврдено дека супстанцата е од Русија, нагласи Меј.
Поранешниот резервен полковник на руското воено разузнавање кој бил врбуван за британското разузнавање МИ6, поради што во 2010 година е осуден за предавство, Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија од минатата недела се во болница во критична состојба, откако се пронајдени без свест на клупа во градот Салсибери на југот од Англија.