Заев: Имаме поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за спорот со името

од desk4

Владата ја има поддршката и од ВМРО – ДПМНЕ за решавање на спорот со името со Грција–ова го изјави премиерот Зоран Заев во интервју за неделникот „Капитал“. Иако не прецизираше во кој дел се согласуваат двете партии, Заев вели дека е задоволен од ставовите на опозицијата, цитира ТВ24.

„Од она што јас го знам, во разговорите низ Парламентот со високи претставници на ВМРО–ДПМНЕ можам да кажам дека сум задоволен во поглед на нивното позиционирање за конкретното прашање – вели Заев на прашањето за поддршка од опозицијата.“

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак не откриваат дали и колку се приближени ставовите меѓу нив и власта, само посочуваат дека опозицијата и натаму е игнорирана.

„Нашите позиции се дефинирани во програмата на партијата. Власта се однесува како воопшто да не сака да постои опозиција, а тоа го докажува преку политичкиот прогон врз пратениците“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, постои оптимизам за решавање на спорот со Грција во скоро време. Според еврокомесарот Јоханес Хан особено клучна е првата половина на следната година за наоѓање на политичко решение меѓу двете земји.

„Односите меѓу Грција и ПЈРМ многу се подобрени, благодарение на активните напори на новата влада во Скопје. Очекувам во првата половина на 2018 година да се најде политичко решение со Грција за да се отворат преговорите за членство во Унијата“ – посочи Хан во интервју за австриски весник.

Неговата порака по неодамнешната посета во земјава беше дека Македонија го трча последниот круг до добивање на чиста препорака за стартот на преговорите. За нешто повеќе од две недели, преговарачките тимови на двете земји ќе седнат заедно на маса по долг период. Медијаторот во спорот, Метју Нимиц, закажа рунда преговори во Брисел на 11 и 12 декември. До сега немаше нови и конкретни предлози за решавање на дводеценискиот спор, освен двете алтернативи – Нова Македонија или Северна Македонија кои неодамна ги спомна градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, како прифатливи за Грција.

Слични содржини