Заев на средбата со Ји: Сите да ги поддржат демократските процеси за новата Влада!

од Vladimir Zorba

Изразена е поддршка за демократските процеси во Република Македонија, кои по кредибилните избори продолжија со избор на нов собраниски претседател од редовите на парламентарното мнозинство, а ќе резултираат со избор на нова Влада во Македонија, вели СДСМ во соопштението со кое извести за денешната средба на претседателот на СДСМ Зоран Заев, заменик-претседателката на партијата Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, со заменикот-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Брајан Ји и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

-Новиот претседателот на Собранието е избран законски и легитимно, согласно Деловникот, законите и Уставот. Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска Влада – порачал Заев, се дознава од соопштението на СДСМ.

Претседателот на партијата најавил пред дипломатите на САД „дека Ѓорге Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање Влада“.

„Исто така постои и Програма на новата реформска Влада којашто гарантира унитарност на државата, почитување на Уставот, евро-атлански перспективи на Македонија, што уште еднаш ќе му биде предочена иако е позната за целата домашна и меѓународна јавност. Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со коишто тој го условува давањето на мандатот. Парламентарното мнозинство има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани изразена на изборите и таа обврска ќе ја исполни“, рекол Заев, според соопштението од СДСМ.

Партискиот претседател порачал дека идната Влада е подготвена да соработува со идната опозиција во интерес на реформските процеси, „но дека во овој момент е најважно ВМРО-ДПМНЕ да прифати дека е опозиција и да ги прекинат тензиите“.
На средбата било заеднички осудено насилството во Парламентот кога беа повредени пратеници, новинари, вработени во Парламентот и е констатирана потребата од разум кај сите, за овозможување мирен трансфер на власта. Оценето е дека е од голема важност за напредокот на Македонија, определбата на мнозинството граѓани и нивните претставници во Парламентот за развој на државата во едно општество за сите граѓани коешто ќе обезбеди правда и квалитетен живот за сите, соопшти СДСМ./Мета

Слични содржини