ЗОИ 2018: Руските спортисти се најпроверувани за допинг во Пјонгчанг

од Vladimir Zorba

  Руските спортисти, кои се натпреваруваат на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг под неутрално знаме, се најпроверувани за допинг во деновите пред и по почетокот на натпреварувањата. Тимот, кој е во Пјонгчанг под името Олимписки спортисти од Русија (ОАР), е оценуван како највисокоризична група, иако секој од нив бил проверувани од специјална комисија пред да биде примен.

– Пред почетокот на Игрите на нив се направени многу повеќе тестови отколку на било која друга група спортисти или тим кој учествува тука, изјави директорот на медицинскиот департментот на МОК, Ричард Баџет.
Руските спортисти беа главен фокус за работната група пред Игрите и сега на Игрите, со оглед на истрагите и податоците од проверките во борбата против допингот.
Групата ОАР, како што е меѓународното име на тимот од Русија, вклучува 168 спортисти. Самиот Олимписки комитет на Русија сепак трпи казна, како и спортистите, чии мостри се позитивни за допинг. Истрагата на МОК покажа дека постоел систем, поддржан од државата, за заштита на оние кои земале допинг и нивните тренери. За такво нешто потврди дури и Владимир Путин, шефот на државата.
– Можеме да бидеме сигурни дека пуштените натпреварувачи од Русија се чисти, но поради нивната историја од блиското минато, ние треба да бидеме внимателни. И тоа е причината тие да бидат тестирани. Да, проблематично е да си проверуван постојано, но не би требало да сте загрижени, ако нема за што да бидете загрижени, додаде Ричард Баџет.
ОАР го прослави и првиот освоен медал  откако Семјон Елистратов освои бронза на 1.500 метри на кратки патеки (лизгање). Тој беше фатен со позитивен примерок со мелдониум во 2016-та година, но беше расчистено неговото име кога Светската антидопинг агенција (ВАДА) ги амнестираше оние спортисти, кои имале низок резултат на допинг тестот./MIA

Слични содржини