Ѓоргиевска: Родовата еднаквост и економското зајакнување на жените – клучни предуслови за одржлив и инклузивен развој на македонското општество

од Vladimir Zorba

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на тркалезната маса „Женското претприемништво во Република Северна Македонија и неговата улога во даночниот систем”, во организација на Управата за јавни приходи.

Настанот се одржува во рамки на одбележувањето на Денот на даночниците – 29-ти Ноември и годинава е посветен на улогата на женското претприемништо во даночниот систем. Во насока на искажување поддршка кон компаниите, како и одблиску запознавање со секојдневното функционирање на жената менаџер, управител, претприемач, во текот на овој месец беа остварени повеќе средби со компании управувани од жени, а денешниот настан го заокружува овој процес.

Во фокусот на тркалезната маса се искуствата на жените претприемачи при менаџирање на компаниите во регионот, предизвиците со кои се соочуваат, вклученоста во даночниот систем и други прашања чија цел е преку дијалог и структурна соработка да се придонесе кон зајакнување на женското претприемништво.

„Принципот на рамноправно плаќање за еднаква работа како еден од најстарите принципи во ЕУ, бидејќи жените во принцип се помалку платени од мажите за извршување на истата работа, и покрај големиот напредок во степенот на образование, на работното искуство и стручноста на пазарот на трудот. Исто така, помалку се застапени во многу професии, иако знаеме дека претставуваат половина од населението. Повеќе се застапени во помалку платените сектори, знаеме дека жените се најмногу застапени во текстилната индустрија, во образованието, во здравството, во угостителството и ваквата нееднаквост се одразува и на нивното учество во даночниот систем како даночни обврзници“, вели таа.

„Родово-базираната дискриминација со која се соочуваат жените на работа е поттикната генерално од традиционалните норми, родовите стереотипи, при што, да речеме, на пример бременоста, сè уште останува ризичен потег во кариерата, бидејќи жените честопати се принудени да избираат помеѓу нивните кариери или да имаат деца. Пандемијата со Ковид-19 дополнително го прошири јазот, бидејќи, од една страна, многу жени претприемачки мораа да останат дома да ја работат својата работа, но истовремено да се грижат и за децата, за болните членови на семејството и за постарите, а од друга страна, пандемијата го забрза процесот на дигитализација и автоматизација и тоа неминовно се одрази на пазарот на трудот и на економијата. Извештајот на Светскиот економски форум за индексот на глобален родов јаз покажува дека тој е најголем токму во секторите што бараат иновативни дигитални и технички знаења и вештини, а врз тоа знаеме дека се темели дигиталната економија и практично, ваквата нееднаквост на можностите го успорува економскиот раст и развој на државата“, додава Ѓоргиевска.

„Да ја пренесеме пораката дека родовата еднаквост и економското зајакнувањето на жените се еден од клучните предуслови за одржлив и инклузивен развој на македонското општество и економија. Економското зајакнување на жената е истовремено индикатор за нивото на демократизација на општеството, но и патоказ кон поправеден економски развој во кој ќе има место за секого. Економското зајакнување на жената е зајакнување на општеството во целост и претставува инвестиција во иднината и гаранција за просперитетот на државата. Економското зајакнување значи и поразвиена економија. Искуствата од големите економски кризи на 20 век покажуваат дека први на удар најчесто се жените. Но, онаму, оние држави кадешто жените се избориле за своето место има многу побрзо закрепнување во државата. Државите со поголема родова балансираност многу побргу, многу полесно ги пребродуваат економските кризи. И компаниите кадешто на чело, на раководните одбори имаат жени, честопати се поуспешни. Зошто? Заради различниот профил на лидерство, коешто всушност претставува комбинација на амбиција и емпатија, синергија меѓу емоционалните и институционалните капацитети“, посочи првата дама.

Слични содржини