24 години од НАТО бомбардирањето врз СР Југославија – за 78 дена загинаа околу 2500 цивили

од Stefanija Kuzmanovska

Денеска се навршуваат 24 години од почетокот на НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија (СРЈ), во кое, според проценките од различни извори, за 11 недели загинаа околу 2.500 цивили и околу 1.000 војници и полицајци.

Во бомбардирањето, кое траеше 78 дена, сериозно беа оштетени инфраструктурата, стопанските објекти, здравствените установи, медиумите, спомениците на културата и воените објекти.

Нападите врз Југославија започнаа на 24 март 1999 година, по наредба на тогашниот генерален секретар на НАТО, Хавиер Солана, а Владата на СРЈ истата вечер прогласи воена состојба.

Акцијата на НАТО следеше по неуспешните преговори за решавање на косовската криза во Рамбује и Париз во февруари и март 1999 година.

Бомбардирањето на Југославија заврши на 10 јуни, со усвојување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Ден претходно, претставниците на Југословенската армија (ЈА) и НАТО потпишаа во Куманово воено-технички договор со кој беше прецизирано повлекување на силите на ЈА од Косово и влез на меѓународни воени трупи во покраината, што веќе се случи на 12 јуни.

Слични содржини