Министерот Филипче информираше дека Владата го усвоила барањето на Комисијата за заразни болести.
-Воведување полициски час од утре (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, во Општина Куманово, Општина Липково,Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Во сите останати градови полицискиот час да трае од утре (4 јуни) во 21 часот до задутре (5 јуни) до 5 часот наутро, додека во останатите денови да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро, изјави Филипче.
Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови. Само во последното дененоќие се регистрирани 101 нов случај со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје – 59. Заразени има и во Куманово-12, Штип-седум, Струга – шест, Тетово – пет, во Гостивар и Кочани има по три случаи, Пробиштип – два, а по еден случај во Прилеп, Велес, Охрид и Кавадарци.
Институтот за јавно здравје денеска регистрира 10 оздравени пациенти и четворица починати.