Северна Кореја ги отфрла преговорите со САД, американски претставник пристигна во Сеул

од Stefanija Kuzmanovska

Северна Кореја соопшти дека нема намера да го продолжи дијалогот со САД, по пристигнувањето на американскиот заменик државен секретар Стивен Биган во Јужна Кореја на разговори за нуклеарната дипломатија.

Во соопштението објавено од Централната новинска агенција на Северна Кореја (КЦНА), високиот функционер на Министерството за надворешни работи, Квон Јонг Ган, повикот на Јужна Кореја за заживување на разговорите САД-Северна Кореја го нарече „бесмислен“.

Стејт департментот соопшти дека Биган, кој е исто така специјален претставник на претседателот Доналд Трамп за Северна Кореја, ќе разговара за разни прашања со официјални лица од Јужна Кореја и Јапонија, вклучувајќи ја и „конечната и целосна денуклеаризација“ на Северна Кореја.

Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун се сретнаа трипати откако започнаа нуклеарна дипломатија во 2018 година, но преговорите беа прекинати во февруари минатата година по состанокот во Виетнам затоа што Американците го отфрлија барањето на Северна Кореја за укинување на повеќето санкции во замена за делумно намалување на нуклеарниот арсенал на Пјонгјанг.

Северна Кореја во последните неколку месеци повеќе пати соопшти дека нема да има повеќе билатерални состаноци на самитите „со кои Трамп би можел да се фали“, освен ако не даде нешто големо за возврат.

Некои аналитичари сметаат дека Северна Кореја ќе ги избегне преговорите со Соединетите држави барем до тамошните претседателски избори во ноември, со надеж за промена на власта во Вашингтон.

Слични содржини