Германското Министерство за надворешни работи одбива директно да го коментира бугарскиот меморандум за преговорите на Северна Македонија со ЕУ, но вели дека останува валидна формулата на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов, според која историјата треба да им се остави на историчарите.
Ваков одговор од германското Министерство за надворешни работи добиле од Дојче веле на прашањето за коментар на бугарскиот меморандум.
Одговорот, според Дојче веле, е всушност упатување на интервју на директорката на одделението за Западен Балкан во германското МНР, Сузане Шулц за Балкан Инсајт од август годинава.
-Обете земји треба да ги решаваат отворените прашања во рамките на билатералниот договор, односно во комисијата на историчарите, рекла тогаш Шулц и додала дека очекува претстојното копретседателство на двете земји со Берлинскиот процес да биде уште една можност да се надминат билатералните недоразбирања.
Германската амбасадорка во Северна Македонија, Анке Холштајн, пак, денеска во интервју за Радио слободна Европа порача дека, според мислењето на нејзината, но и на други земји-членки на ЕУ, „билатералните спорови не треба да се ставаат во преговарачката рамка, туку треба да се реашаваат билатерално“.